Кога во огласот пишува „ја возела баба само до пазар“, кај овие пет модели тоа често навистина е точно

Точка

16/07/2026

20:16

591

Големина на фонт

а а а

Кои се најдобрите половни автомобили од гаражите на пензионерите? Ова се дел од најдобрите избори.

Колкупати сте го слушнале изразот од насловот кога некој продава половен автомобил? Навистина е фасцинантно, кога ќе се погледне низ историјата, што сè возеле бабите и дедовците од Германија – од малиот „Smart“, па сè до „Audi RS“ или моделите од „BMW M“ серијата.

Сепак, такви автомобили навистина постојат, иако ниту еден од нив нема особено возбудливи перформанси, ниту, пак, ќе ве освои со својот дизајн, пишува порталот „Polovni automobili“.

Од друга страна, меѓу нивните предности можат да се издвојат малата километража и редовното, внимателно одржување, бидејќи секој пензионер што се грижи за своето возило обично го чува со цел да му трае што е можно подолго.

Поради тоа издвојуваме пет репрезентативни модели кои се особено популарни меѓу повозрасната популација во Европа.

„Opel Meriva B“ (2010 – 2017)

Цена од 3.500 евра

Компактни димензии, висока и исправена положба на седење, практична и пространа внатрешност, три одделни задни седишта што можат поединечно да се преклопуваат и поместуваат, како и „FlexRail“ полица меѓу предните седишта … 

Втората генерација на „Meriva“ е навистина добро осмислен автомобил. Слободно може да се каже дека е голема штета што оваа класа исчезна во корист на голем број безлични SUV и кросовер-модели.

Како и да е, „Opel Meriva“ е многу популарна меѓу повозрасната генерација возачи, па затоа не е големо изненадување кога на пазарот ќе се појави примерок стар повеќе од 10 години со смешно мала километража.

Во понудата имало дизел-мотори со зафатнина од 1,3, 1,6 и 1,7 литри. Нашиот совет е да размислите и за бензинецот од 1,4 литри, кој се нудел со и без турбина и се покажал како доверлив.

Сепак, треба да се има предвид дека кај многу примероци синџирот за распределување ќе треба да се замени, па однапред пресметајте го и тој трошок.


„Honda Jazz“ (2013 – 2023)

Цена од 5.000 евра

Уште еден автомобил што е особено популарен кај повозрасните генерации.

Компактната „Honda“, слично како и „Meriva“, е исклучително практичен автомобил со скромни димензии. Нуди бројни комбинации на користење на просторот, бидејќи задните седишта можат надолжно да се поместуваат, а може да се подигне и седечкиот дел, со што се ослободува простор за превоз на поголеми предмети.

За разлика од „Meriva“, „Jazz“ се нудел исклучиво со бензински мотори. Оние што бараат поекономична верзија можат да побараат и хибриден модел.

Недостаток е значително повисоката цена во споредба со споменатата „Meriva“, како и поскапите резервни делови, особено кај хибридната верзија.

Доверливоста е токму онаква каква што се очекува од „Honda“ – врвна.


„Toyota Yaris“ (2010 – 2020)

Цена од 5.000 евра

Оваа листа никако не можеше да помине без еден модел на „Toyota“, а токму „Yaris“ е еден од најпопуларните автомобили меѓу повозрасната генерација.

И зошто да не? Има одлична репутација за доверливост, погоден е за градско возење – да не кажеме само до пазар и назад – лесен е за паркирање, а кај хибридната верзија е и многу економичен.

Кога станува збор за просторот, понудата е пристојна, но не е на ниво на споменатите модели на „Opel“ и „Honda“.

За жал, и продавачите се свесни за сите квалитети на овој модел, па за малиот „Yaris“ бараат, условно кажано, премиум цена.

Во секој случај, за примерок што го возел пензионер веројатно ќе треба да платите повисока цена.

Имајте предвид дека „Toyota“ кај овој модел штедела на заштитата од корозија, па пред купувањето задолжително проверете ја состојбата на каросеријата.

Автоматизираниот роботизиран менувач знае да создава проблеми, а поправките се скапи. Кај хибридната верзија е вграден поинаков „CVT“ менувач со континуирано пренесување, кој се покажал значително подобро.


„Škoda Yeti“ (2009 – 2017)

Цена од 5.000 евра

Со оглед на целосната доминација на SUV моделите во последната деценија, реално беше да се очекува дека на листата ќе се најде и еден таков автомобил.

Во овој случај тоа е „Yeti“.

Невообичаениот, коцкаст дизајн крие многу практична внатрешност на која не би ѝ позавидел ниту еден моноволумен.

Големите стаклени површини и повисоката положба на седење овозможуваат одлична прегледност од кабината, што е особено важно за повозрасните возачи.

Едноставните и прегледни инструменти, како и контролната табла, ја дополнуваат сликата за автомобил што е лесен за возење.

„Yeti“ нуди голем избор на мотори, погон на сите тркала, мануелни и автоматски менувачи, но во практиката под хаубата најчесто се наоѓа 1,2-литарски „TSI“ турбобензинец, поврзан со мануелен менувач.

Иако во основа е доверлив, со текот на годините „Yeti“ ги покажува и своите послаби страни, а тоа се склоноста кон корозија и можните проблеми со синџирот кај „TSI“ бензинските мотори.

Добра, но и поскапа варијанта е добро познатиот 2,0-литарски „TDI“ дизел-мотор.


„Suzuki Vitara“ (2015 – )

Цена од 9.000 евра

Покрај „Škoda Yeti“, меѓу повозрасната генерација како многу популарна се покажала и „Suzuki Vitara“.

Всушност, тоа можеби и не е изненадување. Практичен модел – иако ни приближно толку како чешкиот конкурент – доверлив, со хибриден мотор, погон на сите тркала, а притоа тежи само околу 1,3 тони и располага со многу способен интегрален погон.

Зар тоа не е идеален автомобил за патување до викендичка?

Многу повозрасни возачи очигледно сметаат дека е, а во тој поглед на „Vitara“ навистина нема што многу да ѝ се забележи.

Дизајнот и технологијата што ги нуди не се на ниво на конкуренцијата, но тоа не ја менува сликата за еден навистина добар SUV модел.

Пред 1,4-литарскиот хибриден бензинец, во понудата бил и класичен атмосферски бензински мотор од 1,6 литри, кој вреди да се препорача иако не е особено економичен.

Кај него треба да се обрне внимание на можната загуба на масло.