Многумина во текот на летото го користат автомобилот како привремено место за складирање работи. Мобилниот телефон останува во преградата, кремата за сончање во вратата, екстерната батерија (powerbank) во чантата, а лековите на задното седиште. Иако ова изгледа безопасно, температурата во паркиран автомобил во сончев ден многу брзо може да надмине 50, па дури и 60 Целзиусови степени.
Експертите од „Consumer Reports“ предупредуваат дека внатрешноста на автомобилот се загрева многу побрзо отколку што повеќето луѓе мислат. Дури и кога надворешната температура е околу 30 степени, температурата во возилото по само еден час може да биде речиси двојно повисока.
Меѓу првите што се изложени на ризик е мобилниот телефон. Долготрајната изложеност на високи температури може трајно да ја оштети литиум-јонската батерија, да го намали нејзиниот капацитет или да предизвика автоматско исклучување на уредот поради прегревање. Истото важи и за преносните батерии, односно пауербанковите, пишува „GEICO“.

Внимавајте на лековите
Посебно внимание треба да се посвети на лековите. Голем дел од нив се чуваат на температура до 25 степени, а изложеноста на високи температури може да ја намали нивната ефикасност. Ова особено се однесува на инсулинот, одредени антибиотици, лекови за срце и некои хормонски препарати. Експертите советуваат за време на патување тие да се пренесуваат во ладилни торби, секогаш кога тоа е можно.
Многумина ќе се изненадат дека ниту кремата за сончање не поднесува високи температури. Дерматолозите предупредуваат дека долготрајното изложување на топлина може да го промени составот на заштитните креми и да ја намали нивната заштитна моќ. Токму затоа се препорачува, по враќањето од плажа, да не ја оставате кремата во автомобилот.
На списокот се и очилата за сонце. Пластичните рамки можат да се деформираат, додека високите температури можат да ги оштетат заштитните слоеви на стаклата. Ако очилата ги оставите на контролната табла, каде што сонцето директно продира низ ветробранското стакло, ризикот е уште поголем.

Проблем можат да претставуваат и разните спрејови под притисок, како што се дезодорансите или лаковите за коса. Поради високите температури, притисокот во амбалажата се зголемува, па во одредени случаи може да дојде до истекување или дури до пукање на садот.
Ниту газираните пијалаци не се добар избор за оставање во прегреан автомобил. Лименките и пластичните шишиња можат да се деформираат, а кај газираните пијалаци зголемениот притисок може да предизвика истекување на содржината при отворање.
Експертите советуваат во текот на летото во возилото да се остава само она што е навистина неопходно. Сите електронски уреди, лекови и козметика најдобро е да ги понесете со себе кога излегувате од автомобилот, дури и ако ќе се задржите само неколку минути.

Експертите потсетуваат дека паркирањето во сенка може да помогне, но не го решава проблемот целосно. Внатрешноста на возилото и понатаму ќе се загрева, само нешто побавно отколку кога автомобилот е изложен на директно сонце.
Доколку планирате подолго патување, чувствителните предмети најдобро е да ги чувате во ладилна торба или едноставно да ги понесете со себе. Само неколку секунди дополнителен труд можат да спречат оштетување на уредите, расипување на лековите или непотребни трошоци среде годишниот одмор.












