[ФОТО] Новата гама го чинеше легендарниот модел дури 93 коњски сили

Точка

09/07/2026

07:39

553

Големина на фонт

а а а

„Land Rover“ ја претстави освежената гама на „Defender“ за 2027 година, а најголемите промени ги претрпе предводникот на понудата – „Defender Octa“.

„Defender Octa“ загуби околу 15 проценти од својата моќност, односно 93 коњски сили, како дел од поширокиот пакет унапредувања кој вклучува и воведување на ново ниво на опрема наречено „Vertex“.

Неговиот 4,4-литарски twin-turbo V8 mild-hybrid мотор, кој го испорачува „BMW“, сега развива 533 коњски сили, наместо досегашните 626 КС.

Иако максималниот вртежен момент останува непроменет и изнесува 750 Nm, намалената моќност се одрази и врз перформансите, па забрзувањето од 0 до 100 km/h сега трае 4,2 секунди, наместо претходните 3,8 секунди.

Од компанијата наведуваат дека, како компензација, е модифициран издувниот систем, со цел моторот да добие подлабок и поавтентичен V8 звук.


Повлечен е „JLR“ V8 моторот со компресор

Со ова освежување, „Land Rover“ дефинитивно го повлекува од употреба стариот „JLR“ V8 мотор со компресор, кој досега беше достапен кај верзиите „Defender 90“ и „Defender 130“.

Во понудата е додаден и новиот „P380“ mild-hybrid шестцилиндричен бензински мотор со зафатнина од 3,0 литри, кој развива 375 коњски сили и 550 Nm вртежен момент.

Овој агрегат ја заменува досегашната верзија „P400“, која развиваше 395 коњски сили, со ист вртежен момент.


Нов пакет на опрема

На визуелен план, најголемата новина е воведувањето на новиот пакет на опрема „Vertex“. Ова ниво на опременост ќе биде достапно кај сите каросериски изведби – „Defender 90“ со две врати, како и „Defender 110“ и „Defender 130“ со четири врати.

Позициониран покрај постојниот „X“ пакет, „Vertex“ носи помасивни преден и заден браник, поголема предна маска инспирирана од моделот „Octa“, заштитни елементи во боја на каросеријата, сјајно црни детали, жолти сопирачки клешти и 22-инчни тркала кои се дел од стандардната опрема.


На купувачите им се достапни и неколку ексклузивни завршни обработки, меѓу кои и мат фолијата „Patagonia White“.

Во внатрешноста, купувачите на „Defender 110“ отсега ќе можат да изберат нова конфигурација со шест седишта во три реда, при што во вториот ред се поставени две посебни седишта.

Според производителот, ваквиот распоред овозможува полесен пристап до третиот ред, нуди повисоко ниво на удобност за патниците на задните седишта и создава дополнителен простор за багаж меѓу самите седишта.