[ВИДЕО] Боно со несекојдневна одбрана пресуди во откачениот пенал рулет, Мароко обезбеди осминафинална виза

Дерби

30/06/2026

11:37

1.114

Големина на фонт

а а а

Мароко пред четири години беше сензација на Светското првенство, но сега оваа африканска селекција веќе не е никакво изненадување и игра без респект против големи и докажани селекции како Холандија.

Во еден израмнет дуел во кој одлучуваа ситни детали, Мароканците се спасуваа од пораз во првата минута од судиското надополнување, па откако успеаја да го одведат мечот во продолженија, токму тие беа оние кои повеќе сакаа да ги избегнат пеналите.

Холандија поведе со голот на Коди Гакпо во 72-та минута и се доби впечаток дека „лалињата“ се исклучително блиску до осминафинале, но сепак емотивниот гол на крилниот напаѓач не беше доволен за победа.

Гакпо се расплага по постигнатиот гол поради цела семејна драма која ја доживеа пред натпреварот со Мароко, меѓутоа до крајот на мечот доживеа спортско разочарување.

Диоп одлично погоди со глава во првите секунди од 91-та минута и израмни на 1:1, па тој беше еден од тројцата херои на Мароко на оваа средба.

Африканците беа тие кои повеќе ја сакаа победата во судиското продолжение и беа сопрени од Вербруген, меѓутоа во пенал рулетот беа наградени за похрабрата игра.

Фудаблската лотарија донесе еден од пооткачените пенал рулети на мундијалите, бидејќи видовме една греда, две стативи, еден автогол и клучна одбрана на Боно.

Голманот на Мароко со несекојдневна одбрана во петтата серија го шокираше Самервил, а трет херој за Мароко беше Саибари кој рутинирано погоди за голема победа и пласман во осминафиналето.

На овој начин, го добивме и првиот осминафинален пар на Светското првенство, а тоа е оној меѓу Мароко и Канада.