Лина Ѓорческа го искористи своето обраќање за да испрати порака до цела нација во пресрет на дебитантскиот меч кој ќе го има на главниот турнир на Вимблдон, а македонската јавност ова попладне дозна уште една добра вест поврзана за историскиот двобој.
Најдобрата македонска тенисерка утре ќе ги одмери силите со Аманда Анисимова на теренот број 2 во Ол Ингланд клубот, а „Арена Спорт Македонија“ сега објави вест која ги израдува сите тениски фанови.
„Арена Спорт Македонија“ соопшти дека утрешниот меч од 12:00 часот ќе биде директно пренесуван на еден од каналите на новата телевизија, па на македонските фанови им останува да ја бодрат тетовската тенисерка од своите домови и преку ТВ приемниците.
Ѓорческа оставри три победи во квалификациите за Вимблдон и стана првата македонска тенисерка која ќе заигра на главен турнир на грен слем турнир, со тоа што сатисфакцијата сигурно е уште поголема бидејќи станува збор за Вимблдон.
Англискиот грен слем има најбогата тениска традиција и важи за најпрестижен меѓу големата четворка, па Лина со своето прво учество во главната фаза пишува нова македонска тениска историја.
Противничката нема да биде воопшто лесна, но Лина најави дека ќе даде се од себе за да се прикаже во вистинско издание и да понуди интересен дуел.







