[ВИДЕО] Пенал рулетот кобен за „панцирите“: Парагвај донесе ново големо мундијалско разочарување за Германија!

Дерби

30/06/2026

07:07

1.311

Големина на фонт

а а а

Натпреварот со Еквадор беше своевидно предупредување за германската репрезентација кога се во прашање екипите од Јужна Америка, па иако ова не беше сфатено премногу сериозно, во првата нокаут рунда стана јасно дека тимот на Јулијан Нагелсман има проблеми со екипите од овој континент.

Парагвај влезе како апсолутен аутсајдер во дуелот со четирикратниот светски шампион, но на крајот се претвори во селекција која ја приреди првата голема сензација во нокаут фазата на мундијалот.

Третиот натпревар во 1/16 финалната рунда ни го донесе и првиот меч кој отиде во пенал рулет, па иако во некои подобри времиња Германците беа тие кои добиваа фудбалски драми, историја се промени во последните 12 години.

По освоената титула во 2014-та година, ова е трето разочарување во низа за Германија на еден мундијал, бидејќи по двете испаѓања во групната фаза, сега следи елиминација во првата нокаут рунда.

Натпреварот започна со јалова доминација на фаворитот и таквата игра беше добро контролирана од Парагвајците, кои пред крајот на првиот дел добија огромна награда во вид на гол на Енцисо.

Водството на полувреме го принуди Нагелсман да го менува системот и да внесе свежина на теренот, па иако Германците реагираа и успеаја да израмнат преку Хаверц, во добар дел од вториот дел изгледаа безидејно како во цело прво полувреме.

Притисокот кој го вршеа врз парагвајскиот гол најчесто беше безопасен за противникот, а во такви услови, Јужноамериканците се изборија за продолженија, а потоа и за пенал рулет.

Фудбалската лотарија започна со одбранет пенал од јунакот Орландо Хил по ударот од Хаверц, продолжи со три сигурни реализации на Парагвајците, а вториот сопрен удар на Хил ја донесе победата на дофат.

Нереализираниот пенал на Волтемаде донесе две „меч топки“ за Парагвајците, но најпрво Санабрија го промаши цел гол, а Балбуена беше прочитан од Нојер.

Ветеранот му даде шанса на отпишаниот фаворит во тој момент, но шестата серија донесе нов шок за Германците, бидејќи стоперот Та ја испрати топката далеку над голот. Третата меч топка се покажа како пресудна за Парагвајците, а сигурен реализатор за победа и пласман во осминафиналето беше Канале.