Што знае „META“ за вас? Го следи речиси секој ваш клик – дури и кога не ги користите нејзините мрежи

Точка

22/06/2026

22:17

315

Големина на фонт

а а а

Секој што користи социјални мрежи е свесен дека неговите податоци се собираат, анализираат и користат, пред сè за персонализирано рекламирање. Сепак, компанијата „META“ отиде чекор подалеку – собира и податоци кои не потекнуваат од нејзините платформи.

„Замислете да влезете во продавница, а продавачот незабележливо да ви закачи микрофон на рамото. Тој микрофон потоа ги снима вашите разговори и движења и надвор од продавницата – кај лекар, на работа или во приватноста на вашиот дом“, вели Даниела Холцингер, претседателка на Здружението за заштита на потрошувачи (VSV).

„Тоа е интернетот во 2026 година. „META“ може да го следи речиси секој клик, секое пребарување и секое купување на интернет, дури и кога корисникот изречно се спротивставува на тоа.“

Бизнис алатките како „шпиони“ на „META“

Она што во реалниот живот би предизвикало огорченост, на интернет поминува речиси незабележано. Со години ваквите виртуелни „микрофони“ ги следат активностите на интернет-корисниците. Сè функционира преку таканаречените „Business Tools“ алатки.

Станува збор за невидливи програми кои „META“ им ги става на располагање на други компании – сопственици на веб-страници и програмери на апликации. Нивната официјална цел е оптимизација на рекламирањето на платформите на „META“.

Благодарение на овие алатки, огласувачите можат да ја следат успешноста на своите кампањи на „FACEBOOK“ и „INSTAGRAM“ и врз основа на тие податоци да ги приспособуваат маркетинг стратегиите.

Според Макс Баумајстер, директор на адвокатската канцеларија „BK Baumeister und Kollegen“, овие алатки се толку распространети што практично е невозможно целосно да се избегнат.

„Дури и ако сте експерт за информатика и вложите максимален напор, речиси е невозможно целосно да го избегнете ваквото следење“, тврди Баумајстер, чија канцеларија води повеќе индивидуални и колективни тужби против „META“ поради наводно кршење на правата за заштита на личните податоци.

Тој истакнува дека погодени се сите корисници на интернет, без разлика дали користат услуги на „META“ или не. Со други зборови, дури ни бришењето на профилите на „FACEBOOK“ или „INSTAGRAM“ не значи дека сте надвор од дофатот на овој систем за собирање податоци.


Милиони веб-страници се дел од системот

Денес, бизнис алатките на „META“ се наоѓаат на огромен број интернет-страници. Ги користат информативни портали, онлајн продавници, страници за запознавање, но и платформи со содржини за возрасни.

Граѓанскиот суд во Берлин II проценил дека овие алатки се присутни на најмалку 30 до 40 проценти од сите интернет-страници во светот, како и на големо мнозинство од 100-те најпосетувани веб-страници во Германија.

Тоа практично значи дека податоците што корисниците ги оставаат на страници кои не се во сопственост на „META“, сепак завршуваат кај компанијата. Таму се чуваат, анализираат и понатаму се споделуваат, при што не секогаш е јасно со кого.

Меѓу податоците што можат да бидат собрани се имиња, е-пошта адреси, телефонски броеви, интереси, брачен статус, политички убедувања, информации за менталното здравје, па дури и податоци за сексуалните преференции.

„META“ може да го идентификува корисникот во секој момент додека посетува страници на трети лица или користи апликации, дури и кога не е најавен преку „FACEBOOK“ или „INSTAGRAM“, се наведува во пресудата на Покраинскиот суд во Лајпциг.

„META“ не сакаше да ги коментира обвинувањата ниту тековните судски постапки поврзани со заштитата на податоците, на барање на „DEUTSCHE WELLE“.


Сè повеќе тужби против „META“

Како што расте свеста за обемот на дигиталниот надзор, така расте и бројот на корисници кои одлучуваат правдата да ја побараат на суд.

Според организацијата „STIFTUNG WARENTEST“, до почетокот на март 2026 година речиси 91.500 корисници на „FACEBOOK“ и „INSTAGRAM“ се приклучиле на колективната тужба покрената од Здружението за заштита на потрошувачи.

Дополнителни 300.000 лица ангажирале адвокати преку платформата „META-KLAGE.DE“ за во нивно име да побараат отштета.

Само во Германија околу 50 милиони луѓе ги користат платформите на „META“, што значи дека бројот на тужители би можел дополнително да расте.

Баумајстер признава дека неговата канцеларија изгубила околу 90 проценти од првите постапки.

„Овие спорови се исклучително сложени, а големите корпорации користат обемна и комплицирана правна документација за да им го отежнат на судовите деталното разгледување на предметите“, објаснува тој.

Во меѓувреме, девет од 22 германски виши покраински судови веќе пресудиле во корист на тужителите. Според него, пониските судови сè почесто ја следат таа судска пракса.

„STIFTUNG WARENTEST“ наведува дека германските судови досега во околу илјада случаи доделиле отштета до 10.000 евра, заедно со налози за прекин на чувањето и бришење на незаконски собраните податоци.


Различни отштети, иста суштина

Висината на доделените отштети значително се разликува од случај до случај.

Покраинските судови во Мајнц и Елванген доделиле по 10.000 евра отштета. Вишиот покраински суд во Дрезден на почетокот на февруари 2026 година одлучил „META“ да исплати по 1.500 евра во четири паралелни постапки, додека Вишиот покраински суд во Минхен оценил дека соодветна отштета е износ од 750 евра.

Пресудите сè уште не се правосилни. Конечниот збор треба да го даде германскиот Сојузен суд на правдата (BGH) во Карлсруе, највисоката граѓанска судска инстанца во земјата. Неговата одлука би можела да стане насока за идните случаи.


Последиците би можеле да се почувствуваат низ цела Европа

Иако најголемиот број тужби моментално се водат во Германија, слични постапки се покренати и во Австрија. Се очекува дека одлуката на BGH би можела да влијае и врз правната практика во другите земји од Европската Унија.

„Како највисок суд на најнаселената држава во Европската Унија, BGH има значително влијание врз европското законодавство и судската практика“, смета Баумајстер.

Во најповолното сценарио за тужителите, судот би можел не само да додели отштета, туку и да ја обврзе „META“ да престане со спорното собирање податоци. Сепак, спроведувањето на таква одлука против компанија со седиште во странство би било исклучително сложено.

„META“, чие европско седиште се наоѓа во Ирска, остварува околу 50 милијарди евра годишен приход во Европа – речиси една милијарда евра неделно.

„META“ ги одолговлекува постапките бидејќи знае дека, сè додека не постојат ефикасни механизми за запирање на надзорот, ќе продолжи да заработува огромни суми. Тоа е едноставно дел од нивната деловна стратегија“, оценува Баумајстер.


Одговорноста не ја носи само „META“

Потенцијалната одлука на BGH би можела да има последици и за сопствениците на интернет-страници кои ги користат бизнис алатките на „META“.

Иако досегашните тужби главно се насочени кон „META“, правните експерти предупредуваат дека ниту сопствениците на веб-страници не треба да се чувствуваат целосно заштитени. Без нивната соработка, ваквиот систем за собирање податоци не би можел да функционира.

„Европскиот суд на правдата веќе утврди дека постои заедничка одговорност помеѓу „META“ и сопствениците на интернет-страниците“, потсетува Баумајстер.

Меѓу тие субјекти има голем број мали и средни претпријатија, кои би можеле многу потешко да ги поднесат евентуалните казни отколку самата „META“. Доколку тие престанат да ги користат овие алатки, целиот систем за собирање податоци би бил сериозно загрозен.