Во Русија се идентификувани повеќе од 30 нови вируси што ги пренесуваат крлежи, комарци, мали цицачи и лилјаци, соопшти рускиот Федерален истражувачки центар за вирологија и биотехнологија „Вектор“ при Роспотребнадзор.
„Биобанката на вируси е создадена со користење изворни биолошки примероци што Роспотребнадзор ги добил од 50 региони на Руската Федерација – повеќе од 20.000 крлежи, комарци, мали цицачи и лилјаци. Идентификувани се 30 нови РНК-вируси со повеќе од 70 отсто покриеност на вирусниот геном“, се наведува во соопштението што го објави агенцијата ТАСС.

Покрај тоа, откриени се и три нови некласифицирани РНК-вируси.
Роспотребнадзор посочи дека овие резултати укажуваат на голема таксономска разновидност на РНК-вирусите што циркулираат во испитуваните примероци и ја нагласуваат важноста на метагеномското секвенционирање за идентификација на недоволно истражени вирусни агенси.





