Во Словенија беше реализирана првата роботизирана градба во регионот. Компанијата „wienerberger“, во соработка со компанијата „Tosidos“, во Церкница го претстави WLTR, робот кој го автоматизира ѕидањето – една од физички најтешките работи во градежништвото. Станува збор за технологија која веќе ги менува европските градилишта, а наскоро пристигнува и во Хрватска.
Отпорен е на ветер, сонце и дожд. Не познава замор. Постигнува брзина на ѕидање до 10 квадратни метри на час, а може да ѕида до висина од три и пол метри без потреба од градежно скеле.
Роботот ѕида од вториот ред па нагоре, додека првиот ред и понатаму го поставува искусен ѕидар. Потоа, со помош на сензори, ја проверува позицијата на секоја тула, по потреба ги коригира отстапувањата и постигнува милиметарска прецизност. За работа му е потребен приклучок на електрична енергија од 400 V, еден обучен оператор и еден помошен работник, со што, зависно од проектот, може да замени тим од пет до шест ѕидари, пренесува „Forbes.hr“.
„Роботизираното ѕидање не е замена за знаењето и искуството на луѓето, туку одговор на реалните предизвици на градежната индустрија. Денес од градилиштата се бара повеќе. Се бара побрза изведба, воедначен квалитет, поголема безбедност и подобра организација на работата. WLTR го презема физички најтешкиот дел од работата, но зад него и понатаму стојат луѓе кои ја разбираат градбата, материјалите и самиот процес. Тоа е насоката во која ќе се развива градежништвото“, изјави Амел Емкиќ, магистер инженер по градежништво од групацијата „wienerberger“.
Поради тоа, роботот-ѕидар не е само технолошка интересност од соседството, туку и најава за промени кои сè повеќе ќе се чувствуваат во целиот сектор.
WLTR користи специјално развиени брусени "Porotherm" тули од новата серија „Robot Ready“. Тулите имаат дополнителни жлебови кои му овозможуваат на роботот прецизно да ги фаќа и поставува.
„Роботиката нема да го избрише ѕидарскиот занает, но ќе го промени. Градежништвото не може и нема да остане надвор од технолошката трансформација. Напротив, промените ќе бидат сè повидливи и на самите градилишта“, додаде Емкиќ.

Првата роботизирана градба во Церкница претставува важен чекор за градежниот пазар на Словенија, но и за целиот регион. Роботите за ѕидање WLTR досега имаат завршено повеќе од 40 комерцијални проекти низ Европа, вклучувајќи станбени проекти во Чешка, детска градинка во Полска, индустриски складишта во Австрија и Унгарија, како и семејни куќи во Англија.
Во моментов во Европа се достапни 12 вакви машини, а до крајот на 2027 година се очекува нивниот број да порасне на неколку десетици.









