На 3 јуни, втора година по ред се одржаа „Лазаров наградите“, манифестација која собра бројни гости во Скопје и донесе повеќе емотивни моменти на сцената.
Еден од највпечатливите моменти на вечерта беше прикажувањето на четириминутното видео од реновирањето на домот на четиричлено семејство од Куманово кое живеело во тешки услови.
Стефан Лазаров, заедно со својот тим и со поддршка од компании, успеа целосно да го преуреди домот на семејството, а нивната реакција при првото влегување во реновираната куќа беше прикажана пред присутните и подоцна објавена на неговиот Јутјуб канал.
Семејството се вселило во обновениот дом само еден ден пред одржувањето на настанот, а проектот беше претставен како уште една успешна хуманитарна акција под мотото „Менуваме животи“.

Сепак, неколку дена по објавувањето на видеото, во јавноста почнаа да кружат информации дека ова не е првпат истото семејство да добие ваков вид помош.
Според наводите кои се појавија на социјалните мрежи, пред околу четири години на семејството му бил реновиран стан, кој подоцна бил продаден.
По реакциите, Лазаров се огласи на Фејсбук и потврди дека постоела претходна хуманитарна акција за истото семејство.

Тој објасни дека според приказната која ја добиле од членовите на семејството, станот бил продаден поради стари долгови, а со дел од средствата била купена куќата во која живееле до неодамна.
Лазаров истакна дека информацијата за претходната помош ја дознале дури десетина дена откако веќе започнале со реновирањето, но нагласи дека тоа не би ја променило нивната одлука.
„Видовме во какви услови живеат и одлучивме да помогнеме“, порача тој.
Во објавата се осврна и на пораките што ги добивал од сосетка на семејството, која, според него, испраќала критики и негативни коментари за луѓето на кои им била укажана помош.
Лазаров објасни и дека тврдењата оти семејството почнало да продава дел од работите добиени преку проектот не биле точни, туку станувало збор за вишок градежни материјали што останале по завршувањето на работите.
Тој нагласи дека акцијата била реализирана без јавни донации, со сопствени средства и со помош од компании кои се вклучиле во проектот.
„Ете нивна среќа во животот вторпат да добијат помош. Што толку ве тангира тоа?“, напиша Лазаров, додавајќи дека најважно е што семејството денес живее во подобри услови.
Иако проектот беше поздравен од многумина, целата ситуација отвори дебата на социјалните мрежи околу тоа како се избираат семејствата за вакви хуманитарни акции и дали треба да се зема предвид претходно добиената помош.















