Јапонската премиерка Санае Такаичи, која себеси се нарекува „јапонската Железна дама“ по примерот на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, се најде на удар на критики откако открила дека во просек спие меѓу нула и три часа дневно.
Нејзиното признание предизвика загриженост поради долгорочното влијание што ваквиот начин на работа може да го има врз здравјето, но и врз нејзината способност ефикасно да управува со државата и да ги делегира одговорностите.
„Ќе работам, ќе работам и ќе продолжам да работам“
Откако во октомври ја презеде премиерската функцијата, Такаичи во својот инаугуративен говор порача дека работата ќе ја стави пред приватниот живот.
„Ќе го отфрлам концептот на рамнотежа меѓу работата и приватниот живот и ќе работам, ќе работам, ќе работам и ќе продолжам да работам“, изјави таа тогаш, пренесе „Телеграф“.
Подоцна, преку своите објави на социјалната мрежа Икс, покажала дека навистина се придржува до тоа. Рекла дека за време на еден викенд, за првпат по неколку месеци, успеала да спие пет часа.
Додала дека и покрај тоа, од рано наутро до доцна навечер читала „дебели купишта материјали“, истакнувајќи дека откако станала премиерка, спиењето меѓу нула и три часа дневно станало нејзина вообичаена рутина.
Критики од опозицијата
Ваквите изјави предизвикаа реакции од опозицијата.
Лидерот на Демократската партија за народот, Јуичиро Тамаки, порачал дека распределбата на работните обврски е една од клучните задачи на секој лидер.

„Зарем распределбата на работата, за човек да може да се фокусира на задачите што само лидерот може да ги изврши, не е исто така дел од работата на еден лидер?“, прашал Тамаки.
Тој додал дека премиерката треба повеќе да се одмора за да може да носи важни одлуки „со бистар ум“.
„Ретко сум видел премиер да се фали со тоа што не спие“
Јапонскиот весник „Маиничи“ цитирал неименуван опозициски политичар кој оценил дека ретко може да се види премиер кој се фали со недостаток на сон.
„Ретко сум видел премиер на некоја држава да се фали со тоа што не спие“, изјавил тој.
Критичарите предупредуваат дека хроничниот недостаток на сон може да влијае врз квалитетот на донесувањето одлуки, но и дека ваквиот пример испраќа погрешна порака во момент кога јапонската влада се обидува да ги реформира работните навики и на вработените да им овозможи подобра рамнотежа меѓу работата и приватниот живот.

Главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара, ги отфрлил критиките и порачал дека премиерката одговорно ја извршува својата работа.
„Верувам дека премиерката ќе продолжи да носи одлуки и да го дава својот максимум во извршувањето на своите должности. Тоа е во интерес на државата и народот“, им рекол тој на новинарите во Токио.
Поддршката опаѓа
Во меѓувреме, Такаичи се соочува и со пад на популарноста.
Според истражувањето на јавното мислење објавено за време на викендот, поддршката за јапонската премиерка изнесува 41 отсто, што е пад од десет отсто поени во однос на претходниот месец.

Аналитичарите сметаат дека главната причина за намалената поддршка е неуспехот на владата да спроведе мерки што ќе им го олеснат товарот од растечките трошоци за живот на граѓаните.








