Tribeca NY: Скејтањето е за девојчиња, а филмот е за жени како Дина Дума и Лабина Митевска

Точка

05/06/2026

16:12

402

Големина на фонт

а а а

Преполна сала и долга сесија на прашања и одговори, но и пофалби. Синоќа, на Менхетен се прикажа “Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, кој е првиот македонски филм кој имал место на филмскиот фестивал Tribeca, Њујорк.

Американската премиера на филмот во рамките на фестивалот основан од Роберт де Ниро, се одвиваше пред преполна сала и со долга сесија на прашања и одговори, но и пофалби и комплименти за режисерката Дина Дума. Богатата дискусија после проекцијата разви емотивна и прекрасна атмосфера, особено околу прашањата кон Дума за тоа како работела со глумците и како ја постигнала таа автентичност.


Женското дуо режија – продуцент: Дина Дума и Лабина Митевска докажа дека македонскиот филм може да биде селектиран на фестивал каде големите филмаџии сонуваат да бидат. Овој фестивал пулсира со Њујоршки дух, урбаност и последни трендови во културата.


„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.


Овој филм е втор долгомeтражен игран филм на Дина Дума после “Сестри”. Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Еуримаж“, Creative Europe MEDIA и национални и регионални фондови од земјите копродуценти.