Една од најголемите тенисерки на сите времиња, Серена Вилијамс, потврди враќање на професионалниот тенис на 44-годишна возраст, речиси четири години по нејзиниот последен официјален настап.
Американката, која во својата колекција има дури 23 Гренд слем титули во поединечна конкуренција, доби специјална покана (wild card) за настап во конкуренција на двојки на „HSBC Championship“ во лондонскиот Квинс Клуб, кој започнува на 8 јуни.
Вилијамс ќе настапи во двојка со младата канадска тенисерка Викторија Мбоко, еден од најголемите таленти на новата генерација, а британските медиуми наведуваат дека легендарната Американка би можела да заигра и во поединечна конкуренција на овогодишниот Вимблдон.
Организаторите на турнирот го најавија враќањето на тениската икона.
„Кралицата се враќа! Серена Вилијамс повторно е на терен и подготвена за настап на ‘HSBC Championship’“.
Истовремено, Вилијамс на социјалните мрежи објави видео во кое се појавува на тениски терен.
„Добрите вести брзо се шират. Претпоставувам дека сите веќе ги слушнаа новостите“.
Во соопштението за јавноста, Серена истакна дека токму Квинс Клуб е идеално место за почеток на новото поглавје од нејзината кариера.
„Квинс Клуб ми изгледа како совршено место за почеток на ова ново поглавје. Тревната подлога ми донесе некои од најпосебните моменти во кариерата и возбудена сум што се враќам на натпреварување на една од најважните сцени во нашиот спорт“, порача Вилијамс.
Нејзиниот последен официјален меч го одигра на УС Опен 2022 година, каде што стигна до третото коло пред да се повлече од професионалната сцена. Тогаш никогаш официјално не објави крај на кариерата, туку нагласи дека се „повлекува од тенисот“ за да се посвети на други работи во животот.
Серена во текот на богатата кариера седум пати го освои Вимблдон во поединечна конкуренција, додека шест трофеи на лондонската трева освои во двојки заедно со нејзината сестра Венус Вилијамс.

Нејзиниот последен настап на Вимблдон се случи во 2022 година, кога во првото коло беше поразена од Французинката Хармони Тан.
Враќањето на Серена без сомнеж претставува една од најголемите тениски приказни на годината, а останува да се види дали легендарната Американка уште еднаш ќе блесне на најголемата сцена во светскиот тенис.











