Червар: Еурофарм Пелистер е најголемо ракометно име во Македонија, тука ќе означам и крај на кариерата!

Дерби

01/06/2026

15:41

228

Големина на фонт

а а а

Работната седмица во Битола започна на најдобар можен начин, односно со официјална презентација на Лино Червар како нов лидер на проектот на Еурофарм Пелистер.

После сезоната во која тимот имаше доста турбуленции и заврши на второто место во Суперлигата, клубот се одлучи за ангажирање на едно од најпрославените тренерски имиња на овие простори, а за Лино ова значи враќање во земјата која ја смета за втора татковина.

Червар се враќа да работи во Македонија по пауза од осум години, а како што нагласи самиот на официјалното соочување со новинарите, ова ќе биде и последно ракометно патување за него во неверојатната кариера.

– Чест ми е што сум тука, што ќе работам во Битола, во град со огромна ракометна традиција. После осум години се враќам во земјата која ја сметам за своја втора татковина и тука ќе означам крај на мојата кариера. Пред да дојдам тука, одлучив дека овде ќе биде мојот крај. Сметам дека најубаво е да се направи тоа во градот во кој на ракометот се смета за религија. Видов дека постои желба кај луѓето кои го водат клубот, сакаа да дојдам и брзо прифатив.

– Сакам да ги поздравам сите поранешни тренери и играчи кои играле за Еурофарм Пелистер. За мене ова е најголемото ракометно име во Македонија. Ќе имам тешка задача, знаеме дека конкуренцијата е голема. Мора да ги пофалиме конкурентите кои ќе ги имаме. Вардар се разбуди и оди со крупни чекори напред, тука е и Охрид кој вчера освои европска титула, а секако и Алкалоид.

– Мора да работиме и дад соработуваме, да се однесуваме како пријатели, но да преовладува и борба. Македонија е мала земја и мора да бидеме тука едни за други. Сепак, кога ќе излеземе на терен, мора да знаеме за што играме. Еурофарм Пелистер треба да биде над се. Еден тим, еден град, само Битола. Тоа треба да ни биде во глава, така ќе ја тренирам екипата со сите мои асистенти. Ќе бидеме како семејство и ќе се обидеме да ја оправдаме довербата, – изјави Червар.