Рафаел Надал е во главна улога во серијалот кој му е посветен на големиот грен слем шампион и кој ексклузивно се емитува на Нетфликс, па после ексклузивната прва епизода која беше емитувана на 29-ти мај, медиумите почнаа да излегуваат со интересни изјави од документарецот.
Серијалот е поделен во четири епизоди и Надал во истиот говори за сите свои предизвици и големи потешкотии кои ги имаше во кариерата, но за јавноста доста интересен е еден извадок во кој говори за неговиот неверојатен рекорд на Ролан Гарос.
Како најдобар тенисер во историјата на земјена подлога, Надал успеа да освои дури 14 трофеи на Френч Опен, минатата година доби неверојатно признание за тоа што го остави на тенискиот грен слем во Париз, а сега и самиот привлече внимание со изјавата која ја даде за себе и Новак Ѓоковиќ.
Севкупно гледано, Надал освои две грен слем титули помалку од Ѓоковиќ (22 наспроти 24), но според него, многу потежок за уривање ќе биде неговиот рекорд, отколку оној на Новак.
Карлос Алкарас и Јаник Синер ќе сакаат да го нападнат рекордот на Ѓоковиќ во годините кои претстојат, а според Надал, тоа е полесно остварливо, отколку неговата доминација на Ролан Гарос.
– Мојот рекорд на Ролан Гарос ќе биде тежок за уривање. Мислам дека ќе биде потешко да се надмине тоа, отколку некој да ги надмине 24-те грен слем титули на Новак Ѓоковиќ. Никогаш не се знае, но кога би требал да типувам, верувам дека потешко ќе биде да се урнат моите 14 освоени трофеи на Ролан Гарос, – порача Надал.







