Македонската музичка сцена од денес е побогата за уште една нова, возбудлива, а неочекувана соработка - Пајак, Јован Јованов и Елвир Мекиќ ја промовираа песната „Делириум“.
„Делириум“ е само увертира за долгоочекуваниот концерт на Јован и Елвир во Скопје, кој ќе се одржи на 6 јуни во арената „Борис Трајковски“, а на кој Пајак е најавен како еден од специјалните гости.
Песната е работена со добропознатиот и реномиран тим, кој работи на целиот албум на Пајак, а како автори се јавуваат Пајак, Јован Јованов, Иван Јованов, Таско и Елвир Мекиќ, додека видеото се снимаше на локација близу Скопје, во режија на Гордан Божиновски.

„После нашиот концерт, Пајак вади нов албум, а тој, Елвир и јас имаме задничка песна, „Делириум“. Но, бидејќи нашиот концерт е наскоро, на 06.06, заедно решивме да ги изненадиме сите и да ја пуштиме песната сега. Од луѓето што ја слушнаа веќе имаме коментари дека е „заразна“ и дека веднаш влегува во уво, па се надевам дека кога ќе излеземе сите тројца на бина, и публиката ќе пее со нас“, вели Јован.

За потсетување, на концертот кој ќе се одржи на 6 јуни, публиката, покрај добро познатите хитови, ќе има можност премиерно да ја слушне и новата песна и да ги види заедно во живо тројцата музичари.

Освен Пајак, како гости се најавени и Тони Зен, Маја Саздановска, Адријан Гаџа, Слаѓа Делибашиќ и Џус, и специјален гостин - долгогодишен соработник на Јован и Елвир.
Организаторите најавуваат вечер исполнета со многу емоции, хитови и сценска продукција каква што ретко се гледа на домашната сцена.

За концертот е најавен и посебен дрес-код „Аll white“, односно сите посетители се повикуваат да бидат облечени во бело, со што и арената ќе добие уникатен визуелен изглед.

Интересот за концертот е огромен, билети остануваат уште малку, а може да се купат преку МКTickets, на линкот https://mktickets.mk/event/jovan-jovanov-elvir-mekic-i-prijateli/.











