Сопругата на холивудскиот актер Брус Вилис, Ема Хеминг, откри кој бил првиот знак по кој забележала дека нешто не е во ред со познатиот актер. Тоа се случило многу пред да му биде дијагностицирана фронтотемпорална деменција (FTD).
Пелтечењето како прв знак на болеста
Како што раскажа во подкастот „Making Space with Hoda Kotb“, првиот симптом не било губењето на памтењето, туку повторното појавување на проблемите со пелтечењето, со кое актерот се борел како момче.

Семејството Вилис во 2023 година соопшти дека славниот актер боледува од фронтотемпорална деменција, поретка форма на деменција која првенствено влијае врз однесувањето, говорот и способноста за комуникација.
Ема Хеминг вели дека забележала оти Брус повторно почнува да пелтечи, иако тој проблем со години успешно го држел под контрола.

„Забележав дека повторно пелтечи. Како дете имал изразен проблем со пелтечењето, но во текот на животот научил како да го контролира. Потоа сфатив дека повеќе не успева да го контролира“, раскажала таа.
Во тој момент не ни претпоставувала дека токму тоа било еден од првите симптоми на болеста која подоцна ќе му биде дијагностицирана.

Борба со чувството на вина
Ема зборувала и за тоа колку ѝ е тешко да се усогласи грижата за сопругот со сопствениот живот. Таа признала дека поради семејната ситуација не сакала да го прослави својот 50-ти роденден.
На крајот, на убедување на пријателите, организирала мала прослава, но вели дека во текот на целата прослава чувствувала вина.
„Тоа чувство постојано ме следи. Научив дека вината не ми помага и често се прашувам што би сакал Брус за мене“, рекла таа.
Се разликува од Алцхајмеровата болест
Ема Хеминг сакала да разјасни и една од најчестите заблуди за болеста на нејзиниот сопруг. Како што вели, многумина претпоставуваат дека деменцијата автоматски значи целосно губење на памтењето.

„Луѓето често ме прашуваат дали Брус воопшто се сеќава на мене. Се сеќава, бидејќи тој нема Алцхајмерова болест, туку фронтотемпорална деменција. Кога луѓето ќе го слушнат зборот деменција, веднаш помислуваат на губење на памтењето, но постојат различни форми на оваа болест“, објаснила таа.
Фронтотемпоралната деменција се разликува од Алцхајмеровата болест по тоа што во раните фази почесто ги погодува говорот, комуникацијата, однесувањето и личноста, додека проблемите со памтењето не се нужно првиот симптом.







