[ФОТО] Пред 50 години го воодушеви светот: Гимнастичарската легенда се врати таму каде што сè започна

Точка

08/08/2026

13:04

1.021

Големина на фонт

а а а

Легендарната гимнастичарка Надја Команечи се врати во Монтреал за да одбележи половина век од моментот кога ја испиша историјата на спортот.

На 64-годишна возраст се потсети на денот кога, како 14-годишно девојче, го воодушеви светот со првата совршена оценка 10 во историјата на Олимписките игри.


За оваа посебна пригода гимнастичарката облече впечатлив портокалов костим, чија боја се совпадна со олимпискиот факел, а изгледот го надополни со златен ѓердан во облик на олимписките кругови.

Денот кога ја испиша историјата

На 18 јули 1976 година, Надја ја изведе својата рутина на двовисинскиот разбој, со што го стекна статусот на спортска икона. Меѓутоа, тој историски момент беше проследен со голема збунетост, бидејќи на семафорот се појавил резултатот „1.00“ наместо 10.00.

Гимнастичарката се присети дека првично помислила оти станува збор за дефект, бидејќи, како што рекла, „единица воопшто немала смисла“ и „не е баш добар резултат“, пренесе „SportsNet“.

Подоцна било објаснето дека организаторите од швајцарска компанија нарачале семафори кои можеле да прикажуваат резултати само до 9,99, бидејќи никој не верувал дека совршена десетка воопшто е можно да се постигне.

Денес, со временска дистанца од пет децении, Надја со посебен восхит гледа на својот успех.

„Како возрасна личност сум воодушевена од храброста што ја имало тоа 14-годишно девојче“, призна таа, додавајќи дека и денес ѝ е тешко да поверува дека некој на толку млада возраст донел таква одлука.

Нејзиниот триумф имаше пошироко влијание врз жените во спортот, што го истакна и Триша Смит, претседателката на Канадскиот олимписки комитет, потсетувајќи дека жените во 1976 година сочинувале само околу 20 отсто од учесниците на Олимписките игри.

Емоции што не бледнеат

По повод оваа годишнина, Универзитетот во Монтреал минатиот петок ѝ додели почесен докторат.

За Команечи, враќањето во Монтреал секогаш е исполнето со силни емоции, особено во свет кој пребрзо ги заборава важните моменти.


„Да се прослават неверојатни 50 години од 1976-та е… настан што се случува само еднаш во животот“, изјави таа со насмевка.

Еден од најдрагите делови од прославата за неа била средбата со жените кои нивните родители ги именувале Надја, токму во нејзина чест.