Кетрин Зита-Џонс се враќа во голем стил: Ќе глуми поранешна шверцерка

Точка

08/08/2026

14:38

541

Големина на фонт

а а а

Кетрин Зита-Џонс се враќа на малите екрани во новата трилер-серија на Прајм Видео, „Kill Jackie“. Во серијата, која има осум епизоди, 56-годишната актерка ја има главната улога.

Таа ја толкува Џеки Прајс, поранешна шверцерка на дрога која тргнува во одмаздничка мисија откако дознава дека ја прогонува група платени убијци позната како „Седумте демони“. Покрај главната улога, Кетрин Зита-Џонс е и една од извршните продуцентки на серијата.


„Воодушевена сум што сум дел од серијата „Kill Jackie“ и пред и зад камерата“, изјави актерката. Таа додаде дека со нетрпение очекува да го оживее овој комплексен лик, како и приказната што ги истражува темите на идентитетот, искупувањето и женската сила.

За што се работи во серијата?

Трилерот, кој на Прајм Видео ќе пристигне во есента 2026 година е базиран на романот „The Price You Pay“ од авторот Ник Харкавеј.

На серијата работи креативниот тим кој стои зад успешните серии „Killing Eve“ и „Gangs of London“.


Во телевизиската адаптација главниот лик е жена, за разлика од романот, во кој главниот протагонист е маж. Џеки веќе 20 години живее луксузен живот, уверена дека минатото го оставила зад себе.

Но сè се менува кога дознава дека група најопасни платени убијци во светот, позната како „Седумте демони“, добила задача да ја ликвидира. Убедена дека зад сето тоа стои некој од нејзиното минато, таа се потпира на старите инстинкти и решава прва да тргне во пресметка, пред тие да стигнат до неа.


Како што приказната се развива, Џеки сфаќа дека нејзините лични демони се поопасни од професионалните убијци кои сакаат да ја убијат. Истовремено, долго закопаните тајни сè повеќе ја водат назад кон нејзиното минато и домот, носејќи низа неочекувани последици.

Кој уште глуми?

Покрај Кетрин Зита-Џонс, во серијата глумат Даниел Ингс, познат по улогата во серијата „The Gentlemen“, како и Раф Ло, син на Џуд Ло и Сејди Фрост.