СДСМ ја обвинува ВМРО-ЗНАМ дека злоупотребуваат државни позиции и поседуваат бугарски пасоши, додека блокираат уставни реформи и интеграција во Европската Унија. Тие се обвинети дека ја користат Македонија за лична корист и корупција, додека СДСМ апелира за изградба на силна и европска Македонија.
„Кога организираната криминална група ВМРО-ЗНАМ почнува да зборува „бугарофили“ за СДСМ, тоа е класичен случај на проекција, најголемиот бугарофилски колектив во историјата на Македонија се наоѓа токму во нивните редови. Максим Димитриевски, колаборационистот, нашол да зборува за СДСМ? Човекот кој за пари ја предаде својата партија, а потоа и своите гласачи. Човекот чие здружение се распаѓа затоа што ги измами и предаде и своите колеги“, велат од СДСМ.
„Здружение основано по налог на Мицкоски, токму за да ја разбие единствената опозиција во земјата – последната брана пред криминалната група.
Половина од оваа тендер-коалиција која ја сочинува актуелната Влада и пратеничката група на ВМРО-ЗНАМ има бугарски пасоши.
Дури и семејството на Мицкоски има бугарски пасоши. Семејството на нивниот главен медиумски пропагандист, Драган Павловиќ Латас, исто така има бугарски пасоши.
Министри, пратеници, директори на јавни претпријатија – сите со црвени пасоши на ЕУ.
Тие не се бугарофили. Тие се Бугари со македонско државјанство кои ја користат државата за свои лични интереси.
А сега, истите тие кои имаат бугарски пасоши, не сакаат да ги внесат малцинствата во Уставот за да продолжиме кон ЕУ.
Зошто? Затоа што им треба изолирана, слаба и корумпирана Македонија – земја во која тие можат да продолжат да крадат, а граѓаните да чекаат 10 часа на граница и децении заглавни и изолирани.
Ние од СДСМ не работиме за туѓи интереси. Ние работиме за македонските интереси – за европска, силна и достоинствена Македонија.
За вас Европа се туѓи интереси, затоа што Македонија не ја гледате како своја земја, туку како своја вреќа со пари што ја черупате. Вие сте тие кои имаат бугарски пасоши, а се претставувате како „големи патриоти“.
Вие сте тие кои ја блокираат Европа за да ја заштитат својата криминална империја.
Колку уште ќе лажете? Колку уште ќе ги мамите граѓаните? Реформи. Правда. Европа. Тоа е единствениот пат. А вие сте единствената пречка на тој пат“, се наведува во соопштението на СДСМ.











