Млади таленти, литература и уметност на вториот ден од „Денови на културата 2026“ во општина Илинден

Макфакс

13/05/2026

10:05

88

Големина на фонт

а а а

Вториот ден од „Денови на културата 2026“ во општина Илинден донесе разнолика програма посветена на литературата, ликовната уметност и младите таленти, со богати настапи и изложби кои ја збогатија културната сцена во Домот на култура „Илинден“. Продолжуваат активностите со поетска вечер и концерт на македонската музичка изведувачка Лидија Кочовска.

Вториот ден од манифестацијата „Денови на културата 2026“ во oпштина Илинден помина во духот на литературата, уметноста и младинската креативност, исполнувајќи го Домот на култура „Илинден“ со бројни културни содржини и богата уметничка програма.

Во рамки на традиционалното Литературно матине за деца, беа презентирани најдобрите творби од литературниот награден конкурс на тема „Екскурзија во моето омилено место во светот“. Најуспешните ученици беа наградени со пофалници и пригодни награди, кои им ги додели градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакнувајќи ја важноста од поттикнување на младите генерации кон литературата, творештвото и македонскиот јазик.

Во рамки на манифестацијата беше отворена и ликовна изложба на уметницата Катерина Трајковска, каде посетителите имаа можност да проследат бројни дела претставени преку различни уметнички техники и автентичен ликовен израз.

Културната вечер продолжи со настапи на културно-уметнички друштва и танцови клубови од општина Илинден, кои преку музика, игра и традиционални кореографии приредија богата и впечатлива програма. Посебен впечаток кај публиката оставија индивидуалните настапи на учениците од општината, кои со својот талент, енергија и сценски настап придонесоа за уште една успешна културна вечер.

Манифестацијата „Денови на културата 2026“ продолжува и денес, со централниот настан што ќе се одржи во Домот на култура „Илинден“, каде свое обраќање ќе има покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски. Во рамки на програмата ќе се одржи и поетска вечер посветена на современата македонска родољубива поезија, а вечерта дополнително ќе биде збогатена со настап на македонската музичка уметница Лидија Кочовска.