Урбаните истражувачи Ален Банковиќ и Нино Коцијан од „YouTube“ каналот „Terra Croatia“ снимија импресивни кадри на островот Вис, за што веќе пишувавме, а сега нè водат во внатрешноста на ’ртот Ступишќе.
Она што го пронашле, и покрај забот на времето, сведочи за периодот кога јадранскиот остров, со површина од 89,24 км2, бил една од најутврдените точки во Европа.
Остров како лавиринт
„Денешните посетители бараат мир, но ретки се свесни за воената моќ што се крие во стрмните карпи. Нашите снимки откриваат импресивни сцени – оригинални топови од 100 мм, кои иако се покриени со слоеви ’рѓа, и понатаму пркосно гледаат кон отвореното море, чувајќи го влезот во Комишкиот Залив“, наведуваат авторите.
Историскиот контекст на Вис, како клучна одбранбена точка, започнал по Втората светска војна, кога ЈНА го трансформирала островот во лавиринт со повеќе од 30 воени објекти, вклучувајќи подземни болници и складишта за ракети, пренесува „Dnevno.hr“.
Во тој систем – проектиран за најтешки опсади, крајбрежната позиција Ступишќе имала посебно место како „скапоцен камен“ на одбранбената архитектура.
Главната атракција на објавеното видео се советските топови „D-10“, кои ги користел и легендарниот тенк „T-34“. Во својата „крајбрежна“ варијанта на Вис тие претставувале непремостлива пречка за секој непосакуван брод.
„Неосвоива тврдина“
Истражувачите не ја криеле фасцинацијата од локалитетот:
„ЈНА од Вис направи неосвоива тврдина. Овие топови изгледаат моќно дури и под ’рѓата, а ходниците што водат до нив оставаат без здив“, наведоа тие.
Посебно внимание привлекува архитектурата на тунелите врежани длабоко во карпите, кои на екипажот му обезбедувале заштита од воздушни напади и овозможувале непречено снабдување со муниција.











