Полицијата во Мајами ја тужи продукциската куќа на актерите Мет Дејмон и Бен Афлек поради филмот „The Rip“. Тие тврдат дека трилерот на „Netflix“, инспириран од вистински настани, лажно ги прикажал како корумпирани криминалци.
Филмот, кој од јануари е достапен на „Netflix“, започнува со напомена дека е заснован на вистински настани, пренесува РТС.
Заплетот е инспириран од рацијата во 2016 година во Мајами Лејкс, за време на која полициската управа Miami-Dade Police Department запленила повеќе од 24 милиони долари во готовина поврзана со перење пари — што претставува најголема заплена во историјата на таа служба.

Полицајците кои учествувале во акцијата тврдат дека филмот содржи измислени сцени кои ги прикажуваат како вмешани во корупција, соработка со нарко-картели и незаконско присвојување пари.
Тие наведуваат дека по премиерата нивниот професионален углед сериозно бил нарушен.
Еден од нив, детективот Џонатан Сантаана, истакнува дека и самиот наслов на филмот е навредлив и дека по премиерата станал предмет на потсмев.
„Луѓето ме прашуваат колку пари сум украл, а ние не зедовме ниту еден долар“, рекол тој.
Во тужбата се истакнува дека станува збор за лажно прикажување на вистински луѓе и настани.
Правните експерти потсетуваат дека јавните личности, вклучително и полицајци, во вакви случаи мора да докажат постоење на „вистинска злонамерност“, односно дека авторите знаеле дека информациите се неточни или ги објавиле без оглед на вистината — што претставува исклучително висок правен стандард.

Овој случај повторно го отвора прашањето за границата меѓу уметничката слобода и заштитата на угледот на вистински лица, за кое во филмската индустрија долго дебатираат и филмските работници и публиката.










