Пет земји оваа година одлучија да ја бојкотираат Евровизија и да не бидат дел од ова натпреварување поради учеството на Израел, а меѓу нив е и земјата што е рекордер по бројот на победи на ова натпреварување, како и една држава од т.н. „голема петорка“.
Шпанија, Ирска, Исланд, Холандија и Словенија се земјите што одлучија по тензиите кои траат изминатите три години сега јасно да ѝ кажат „не“ на Европската радиодифузна унија и оваа година нема да имаат свој претставник на најголемото европско музичко натпреварување.
Одлуката за учество на Евровизија 2026 ја носат националните радиодифузери, но уште пред самата одлука беше најавено дека тие не го поддржуваат учеството на Израел, па по сите најави донесоа одлука да не учествуваат.

Тензиите започнаа за време на Евровизија 2024, која беше одржана шест месеци по почетокот на војната на Блискиот Исток. И тогаш беа одржани големи пропалестински протести во Малме, а тензиите траеја во текот на целото натпреварување, додека израелската претставничка ја чуваше специјално обезбедување.
Слично беше и во Базел 2025, кога натпреварувачката од Израел ја исвиркаа за време на настапот, додека се зборуваше дека тоа се пригушува во преносот. Имаше и протести, а можеа да се видат и палестински знамиња иако официјално беа забранети, како и ЛГБТ или други знамиња што не се официјално обележје на земјите учеснички на натпреварувањето.

И додека тензиите на Блискиот Исток и понатаму траат, не престануваат ниту барањата Израел, како пред пет години Русија, да добие забрана за учество на натпреварувањето, а ЕБУ не донесе таква одлука, па пет земји донесоа одлука оваа година да не бидат дел од изборот за песна на Евровизија.
Шпанија
Иако Шпанија е дел од т.н. „голема петорка“ на Евровизија и спаѓа меѓу земјите што издвојуваат најмногу пари за ЕБУ и оваа манифестација, која секоја година има директен пласман во финалето, сепак е одлучено да се повлече од Евровизија 2026.

Ирска
Исто така, државата што е многу значајна за историјата на натпреварувањето, Ирска, оваа година нема да биде дел од Евровизија.
Оваа земја има рекордни седум победи, а иако Шведска се израмни по бројот на триумфи, Ирска останува неприкосновена по успехот трипати по ред да ја однесе победата (1992, 1993, 1994).
Бидејќи во Виена се одбележуваат 70 години од првото натпреварување за песна на Евровизија и е најавена програма инспирирана од историјата, ќе биде особено чудно што меѓу учесниците ја нема Ирска.

Холандија, Исланд, Словенија
Холандија еднаш победи на Евровизија, во 2019 година, но тоа не е единствениот пат кога имала забележителни песни и резултати и е земја што често создава хитови.
Исланд и Словенија немаат ниту една победа, но со децении се постојани учесници на ова натпреварување.










