Весна Петрушевска отпочна петиција за ограничување на социјалните мрежи за деца: „Ако ова не можеме, тогаш навистина ќе ми се потврди дека сте херои само на тастатура“

Точка

04/05/2026

09:07

676

Големина на фонт

а а а

Актерката Весна Петрушевска покрена иницијатива за собирање 10.000 потписи со цел, како што наведува, да им се „вклучи црвено светло“ на политичките партии и да се отвори темата за заштита на децата на социјалните мрежи.

Преку јавен повик, таа ги повикува граѓаните да се приклучат и да ја поддржат иницијативата преку платформата за петиции „Change.org“, притоа нагласувајќи дека не станува збор за финансиска кампања.

„Јас не барам и не примам пари. Барам само ваша поддршка и потпис“, истакнува Петрушевска, објаснувајќи дека можноста за донации на платформата е стандардна опција, но не е дел од нејзината акција.

Во своето обраќање додава дека евентуалниот неуспех да се постигне барем минимална граѓанска мобилизација ќе биде показател за, како што вели, општествената пасивност.

„Ако ова не можеме, тогаш навистина ќе ми се потврди дека сте херои само на тастатура“, наведува Петрушевска.

Се сеќавам кога за прв пат видов како врсничко насилство делува разорно на нашите деца, кај нас, овде, во Северна Македонија. Секојдневно сум сведок на тоа како социјалните мрежи ги зајакнуваат овие акти на агресија, оставајќи ги нашите млади без поддршка и без заштита. Ова не е само мој уморен глас, туку крик за нашите деца и за нивната безбедност.

Гледаме како Австралија и Франција направија значајни чекори за да ги заштитат своите деца. Делуваа брзо и без политички игри, водејќи се само од својата грижа и обврска кон идните генерации. Дали е преголема надежта дека и нашата влада може слично да делува, не за политички поени, туку за доброто на нашите деца?


Како општество, мораме да се обединиме во оваа граѓанска иницијатива и да бараме итни законски измени за безбеден интернет и кривична одговорност за врсничко насилство. Системот е во колапс, а досегашните мерки се покажаа недоволни и само козметички. Потребни ни се решенија кои реално ќе обезбедат заштита за сите деца“, стои во петицијата.

Од ноември 2024 година, во Австралија стапи на сила целосна забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години, при што платформите се соочуваат со високи казни доколку не ја почитуваат.

Франција го воведе таканареченото „дигитално полнолетство“, поставувајќи граница од 15 години и задолжителна родителска согласност за помладите корисници, а воедно е забранета и употребата на телефони во училиштата.

Во Данска се разгледуваат можности за зголемување на старосната граница за дигитална согласност, како и за построга регулација на алгоритмите што ги таргетираат децата.

Во одредени делови на САД, како Флорида и Јута, веќе се применуваат мерки како забрана за деца под 14 години, како и воведување родителска контрола и временски ограничувања за користење.

Иницијативата на Петрушевска доаѓа во време кога и во Македонија се интензивира јавната дебата за влијанието на социјалните мрежи врз младите, особено во контекст на врсничко насилство и онлајн злоупотреби.