Актерот Адриан Азири, кого публиката најдобро го препознава по улогата на Наим во култниот ситком Преспав, влегува во ново, уште посреќно поглавје од својот живот. Имено, тој пред околу еден месец – на 23 март 2026 година – стана татко по вторпат, добивајќи син, вест што досега не ја споделуваше јавно.
Оваа убава животна новост актерот ја откри во разговорот со Стефан Лазаров, каде што искрено и без задршка говореше за различни аспекти од својот живот. Освен за татковството, Азири се осврна и на својата младост, признавајќи дека поминал низ фази на девијантно однесување, но и дека токму тие искуства го обликувале во личноста што е денес.
Во емотивниот разговор, тој посебно ја истакнал улогата на сопругата, која, како што вели, била неговата најголема поддршка и пресвртница во животот. Денес, далеку од турбулентните години, Азири живее посмирен и исполнет живот, посветен на семејството и професијата, покажувајќи дека вистинските вредности често доаѓаат со зрелоста и љубовта.
„Јас имам еден човек со кого што живеам, и многу сум среќен што ја имам - освен моите две мали дечиња, тоа е мојата сопруга.
Таа беше поттик за јас да си го сменам животот, да ја сменам страната од таа книга, кога јас реков СТОП за многу работи, на кои веќе им помина време, истекоа, се исцедија.

И реков дај да пробам нешто друго, пошто заслужувам да имам нешто друго“, вели тој на почетокот.
Адриан не крие дека имал и пороци, а дека во борбата со нив најмногу му помогнала сопругата.
„Сакам на приватен план да те прашам за сопругата. Знам дека имате и развод, па се враќате и денеска имате две синчиња“, почнува да раскажува Стефан.
„Да... ради моите глупости, заради моите пороци. Таа беше многу против тие работи.
Види, јас не сум бил злонамерен човек, сум бил фамилијарен, меѓутоа знаев да заглавам, да излегувам со друштво, да доаѓам во 5 сабајле.
Таа не можеше да го издржи тоа. Искрено кажано, јас сум бил говедо, не сум знаел да ја почитувам.
Башка, 9 години помлада сопруга, милина. И не сум знаел да го почитувам тоа. Сега, фала му на Господ, на Алах, се вратив, ја свртив страницата и многу сум среќен поради тоа.

Ми даде ново нешто. Малиот тогаш имаше 2 години, почна да разбира, ме бараше, јас доаѓам да го гледам, не беше тоа-тоа.
Многу ми е драго што се вратив, се сменив, ама не поради неа - поради нас. И подобро ми излезе. Сакав самиот да се сменам“, открива Адриан.
„Колку е битно да имаш вистинска жена до тебе“, му одговара Стефан.







