Фил Де Фрис (40) денес е синоним за апсолутна доминација во тешката категорија на КСВ, но неговиот пат до врвот беше сè освен лесен, особено во периодот по неговото отпуштање од УФЦ. Во октагонот на најсилната светска ММА организација своевремено забележа две победи (Роб Бротон и Оли Томпсон) и три порази (Стипе Миочиќ, Тод Дафи и Мет Митрион), а отказот го оттурна на дното и ја доведе неговата кариера на раб на пропаст.
Тешки денови по отказот
За многу борци тоа би значело крај на соништата, а и за Де Фрис ситуацијата беше исклучително тешка, особено на психолошки план.
„Се сеќавам како шетав во трговски центар откако добив отказ од УФЦ. Ми пријде еден човек и ми рече: ’Ова нема смисла. Три пати си нокаутиран, треба да се откажеш‘.“
„Си помислив: ’Кој си ти да ми го кажуваш тоа?‘ Но вистината е дека во тоа време бев во многу лоша состојба. Бев депресивен, имав ментални проблеми и тоа ме разјадуваше“, се присети Де Фрис во разговор со Ариел Хелвани. Притисокот бил огромен.
„Многумина ми кажуваа да се откажам. Искрено, дури и мојата партнерка го сакаше тоа, бидејќи гледаше колку ме уништува ситуацијата. ММА е брутален спорт. Тоа е работа на скршени срца“, додаде тој.

Пад во пороци и чувство на безнадежност
Де Фрис тогаш западнал во животен и кариерен вакуум, а чувството на неуспех било преголемо.
„Се чувствував како предмет за потсмев, како некој што целосно пропаднал. Ми изгледаше како мојот сон да завршил и дека ништо повеќе нема смисла“, изјави 40-годишниот Британец.
Призна дека поради недостаток на цел и чувство на празнина западнал и во пороци.
„Имаше моменти кога се откажав од сè и паднав во алкохолизам, дрога и други лоши работи. Бев целосно оттурнат од светот и безживотен, тоа беше најлошото чувство. Работев само за да преживеам и да ги платам сметките, и тоа е реалност за многу луѓе … но не мора да биде така“, рече тој.

Пресврт и доминација
Британскиот тешкаш на крај побарал стручна помош и почнал да работи на своето ментално здравје. Терапијата и промените во животниот стил донеле драматичен пресврт. Де Фриз истакнува дека дури тогаш почнал да напредува како борец, но и како личност, а резултатите брзо станале видливи.
По стабилизирањето на приватниот живот, започнала и неговата спортска доминација. Денес има серија од 17 победи, од кои 15 под капата на КСВ, каде дури 14 пати ја одбранил титулата во тешка категорија, што го прави најдоминантен шампион во ММА.
„Секогаш можеш да изгубиш. Кога ќе почнеш да мислиш дека не можеш, тогаш и губиш. Секој противник го сфаќам сериозно. Знам дека можам да ја изгубам следната борба … но се надевам дека тоа нема да се случи“, заклучи Де Фрис.









