Микел Артета со неверица го дочека моментот кога судијата Макели го поништи вториот пенал за Арсенал уште на теренот, но менаџерот на гостинскиот тим беше уште побурен по последниот судиски свиреж, обвинувајќи дека луѓето од ВАР постапиле спротивно на правилата на фудбалската игра.
Според протоколот, ВАР не треба да се активира ако нема голема и очигледна грешка, а Артета верува дека во вториот случај имало доволно елементи за да се покаже на белата точка и одлуката од теренот да остане важечка.
– Навистина сум лут и многу бесен за вториот пенал кој ни беше поништен. Има очигледен контакт, судијата на терен донесе одлука дека е пенал и беше добро позициониран. Тој донесе коректна одлука и после се премисли откако му се јавија и откако ја прегледа снимката 13 пати.
– Не знам дали врз неговата одлука влијаеја домашните навивачи и тренерот на Атлетико, знам дека тоа е погрешна одлука и дека тоа е момент кој дава поинаков правец на двомечот.
– Во Париз се досуди пенал за играње со рака и тоа во Премиер лигата не е пенал. Мора да прифатиме дека критериумот е различен, но не и кога се оди против правилата. Не може судијата 13 пати да прегледува ситуација која беше очигледна. Тоа беше чист пенал, – изјави Артета.







