Актерот од култниот филм „Dances with Wolves“ (Танц со волците) осуден на доживотен затвор

Точка

28/04/2026

10:38

1.062

Големина на фонт

а а а

Актерот Нејтан Чејсинг Хорс, познат по улогата во филмот „Танц со волците“ од 1990 година, е осуден на доживотна казна затвор поради сексуални напади врз жени и девојчиња од домородно потекло, пренесува „Page Six“.

Судијата во Невада ја изрекол пресудата во понеделник, откако поротата претходно го прогласила за виновен по 13 точки од обвинението, главно поврзани со сексуални напади. Актерот го обвиниле три жени, вклучувајќи една која имала 14 години кога нападите започнале. Нејтан бил ослободен од дел од обвиненијата.

Жртвите и нивните семејства на суд изјавиле дека и понатаму страдаат од траумата што им ја предизвикал Чејсинг Хорс и дека се борат со својата вера, бидејќи актерот го злоупотребил својот статус на духовен водач. Нејтан ги негирал сите обвинувања и изјавил дека станува збор за „неправда“.


Оваа пресуда доаѓа по повеќегодишни напори поранешниот актер кривично да се гони, откако првпат бил уапсен и обвинет во 2023 година.

Обвинителството на Британска Колумбија соопштило дека Чејсинг Хорс бил обвинет за сексуален напад во февруари 2023 година, иако наводното кривично дело се случило во септември 2018 година, во близина на Керемеос, село оддалечено околу четири часа од Ванкувер. Сепак, случајот бил ставен во мирување во ноември 2023 година поради обвиненијата против актерот во САД, а продолжило следната година. Полициската служба Цуутинa во Алберта сè уште има налог за апсење против Чејсинг Хорс, како што соопштила по неговото судење во јануари.


Ја користел својата позиција на духовен водач

За време на неговото судење, обвинителите од Невада изјавиле дека Чејсинг Хорс го користел својот углед како лакота исцелител за да демне автохтони жени и девојчиња. Заменичката окружна обвинителка Бианка Пучи изјавила дека поранешниот актер речиси 20 години „плетел мрежа на злоупотреба“ во која се заплеткале многу жени.

Поротата ги сослушала сведочењата на три жени кои го обвиниле Нејтан за сексуален напад и на крајот го прогласила за виновен по некои обвиненија поврзани со сите три жени. Неколку жртви опишале дека учествувале во неговите церемонии или оделе кај него за медицинска помош.

Корена Леоне-Лакроа имала 14 години кога „Чејсинг Хорс“ наводно ѝ кажал во 2012 година дека духовите сакаат таа да се откаже од својата невиност за да ја спаси нејзината мајка, на која претходно ѝ бил дијагностициран рак. Потоа тој сексуално ја нападнал и ѝ рекол дека нејзината мајка ќе умре ако каже некому што се случило, навела Пучи.

Чејсинг Хорс ги негирал нејзините обвинувања, а неговиот адвокат го довел во прашање кредибилитетот на Леоне-Лакроа, нарекувајќи ја „презрена жена“. Адвокатот поднел барање за ново судење, но тоа било одбиено.

Изјава на жртвите и семејствата

Мајките на жртвите порачале дека Чејсинг Хорс ја изневерил нивната доверба и ги злоупотребил светите традиции. „Дури и денес се борам да ја вратам својата вера и духовност“, изјавила мајката на една жртва. Една жртва рекла дека и понатаму се соочува со компликации откако претрпела вонматерична бременост како последица од нападот и била принудена на операција.

„Одлучувам да го гледам овој момент како нов почеток. Повторно ќе го изградам својот живот, ќе го вратам својот глас и ќе продолжам да се борам за иднината што ја заслужувам“, порачала таа.