На сајтот кој се занимава со препродажба на билети за натпреварите на Мундијалот во САД, Мексико и Канада, преку цените на билетите може да се види дека фудбалот дефинитивно е оттурнат од обичниот свет.
Не е шега: цената на билет за финалето на Светското првенство, за одредени сектори, значи не зборуваме за најскапиот билет, изнесува 2.299.998,85 долари.
Четири седишта се понудени по оваа, најблаго речено, луда цена на сајтот за препродажба на билети - станува збор за позиции зад головите на пониско ниво, блок 124, ред 45, седишта од 33 до 36 (ако сте заинтересирани).
На оваа платформа продавачите ја одредуваат цената каква што ќе посакаат, без никакви ограничувања. Дури и ФИФА во овој случај ги трие рацете, бидејќи добива провизија од 15% на секој препродаден билет.

На сајтот за препродажба се продаваат и влезници чија цена е значително пониска од споменатите, но тоа се и понатаму вртоглаво високи цени за обичниот свет, кои надминуваат десетици илјади, па дури и стотици илјади долари.
На пример, седиште до премин, број 33, во блок 146, ред 32 на долната трибина, опишано како „стандардно“, се продава по цена од 207.000 долари.
Седиште од категорија 2 во последниот ред на третата горна трибина, било на пазарот за 138.000 долари. Само неколку метри подалеку, препродавач нудел многу попристапно седиште за 23.000 долари...
Најевтините билети за финалето на пазарот за препродажба имаат почетна цена од 10.900 долари.
„Применливите надоместоци за олеснување на препродажбата се во согласност со стандардите кои се на сила во спортскиот и забавниот сектор во Северна Америка. Пристапот на ФИФА кон варијабилното одредување на цените на билетите е во согласност со трендовите во индустријата, каде цените се прилагодуваат за да се оптимизира продажбата и посетеноста и да се обезбеди фер пазарна вредност за настаните“, се наведува во соопштението на ФИФА, уверувајќи дека овој систем „ги одразува актуелните пазарни практики на пазарот на продажба на билети за големи спортски и забавни настани во земјите домаќини“.

Овој нагол раст на цените сепак не важи само за финалето. Влезниците за првиот натпревар на една од земјите домаќини, Соединетите Американски Држави, исто така достигнуваат рекордни бројки: 4.105 долари, 2.735 долари, 2.330 долари и 1.940 долари за натпреварот против Парагвај на 12 јуни во Инглвуд, Калифорнија.
Влезниците за првиот натпревар на Канада против Босна и Херцеговина на 12 јуни во Торонто беа достапни за 3.360 долари, 2.240 долари, 1.645 долари и 980 долари.
Финалето на Светското првенство многу лесно може да влезе во историјата како спортски настан што генерирал најголем приход од продажба на билети.










