Родри ја освои „Златната топка“ во сезоната која беше историска за Манчестер Сити и успеа да ја добие битката со Винисиус Жуниор, но во моментите кога беше на врвот во кариерата, Шпанецот доживеаја огромно разочарување.
Откако претходно немаше пропуштено натпревар повеќе од една година, Родри се стави во ситуација да ја заработи најтешката во кариерата, по што следеа и низа мускулни потешкотии откако ја санираше онаа на коленото.
Кинењето на предниот вкрстен лигамент остави трага врз формата на Родри и неговата физичка подготовка, но според Шпанецот, главна вина за неговото нарушено здравје треба да се бара кај луѓето кои форсираат да се игра фудбал на секои два-три дена.
Родри во изминатите години беше еден од најгласните во протестите кон ФИФА и УЕФА, па сега повторно го искористи интервјуто за „ДАЗН“ за да го сподели мислењето на оваа тема.
Иако фудбалерите често протестираат, на крајот испаѓа дека се неми актери кои мораат да ги слушаат водечките луѓе на фудбалот, па ако тоа не се промени во скора иднина, Родри смета дека многу брзо може да дојде и до крајот на кариерата.
– Или ќе ставиме крај на ова, или јас нема да дочекам 32-ра година во фудбалот. Треба да се дозира напорот во фудбалот, но наместо тоа, ние постојано сме заглавени во густ распоред. Телото има свои граници и сите ние како играчи имаме рок на траење, некој подолг, некој пократок, – предупредува Родри.
29-годишниот Шпанец се повреди на дербито против Арсенал, но повредата не е сериозна и би требало брзо да се врати и да му помогне на тимот во битката за титулата.







