Името на Наталија Кузњецова во светот на бодибилдингот и спортовите на сила предизвикува стравопочит, но и неверување. Оваа 34-годишна Русинка важи за најмускулестата жена на светот, а во професионалните кругови се зборува дека по обем на бицепс ги надминала дури и легендарниот Арнолд Шварценегер во неговите најдобри денови.
Од плашлива девојка до шампионка
Сепак, патот на Наталија до статусот „женски Хулк“, како што многумина ја нарекуваат, започнал сосема неочекувано. Родена во мало сибирско село, како дете била многу ситна и повлечена. „Пораснав како плашлива, мала девојка“, признала еднаш.
Пресвртницата се случила кога татко ѝ на 14 години ја однел во теретана, надевајќи се дека така ќе стекне самодоверба. Неговиот совет ѝ го променил животот. Веќе по три месеци се нашла на сцена, на 16 години станала шампионка на Сибир, а на 18 бодибилдингот го претворила во професија.
Светски рекорди и генетика
Денес Наталија е една од најуспешните "powerlifter-ки" на сите времиња. Држи светски рекорди во бенч прес и мртво кревање и е повеќекратна европска и светска шампионка. Како што самата вели, за успехот може да ѝ се заблагодари и на генетиката. „Никогаш не морав претерано да тренирам затоа што имав среќа. Имам добра генетика и природно сум силна“, истакнува Русинката.
Одговор на критиките
Нејзината екстремна мускулна маса ѝ донесе огромна популарност, па на социјалните мрежи ја следат повеќе од 1,3 милиони луѓе. Но, со славата доаѓаат и остри критики. Многумина сметаат дека нејзиниот изглед е „премногу машки“ и често ја навредуваат со погрдни изрази.
Наталија има јасен став за ваквите коментари. „Не се заморувам со тоа. Ако некому не му се допаѓам, нека не гледа во мене“, вели таа, а потоа додава коментар кој стана вирален: „Не одам на плажа да им кажувам на луѓето со вишок килограми дека треба да креваат тегови и да се доведат во ред. Секој го избира својот пат.“





















