Години наназад социјалните мрежи испраќаа иста порака: ви треба уште нешто. Уште еден серум, уште еден моден додаток, уште еден кујнски уред, уште едно патување, уште еден „must have“ производ без кој, наводно, не можете.
Во морето од содржини што поттикнуваат купување и постојана потрага по ново, се појави тренд кој оди во целосно спротивна насока – enoughfluencing.
Што е enoughfluencing?
Се работи за своевиден одговор на културата на прекумерна потрошувачка, но и на притисокот што го создаваат идеализираните животи на социјалните мрежи. Додека инфлуенсерите со години ги убедуваа следбениците дека новата крема, новата чанта или новиот мебел ќе ги направи среќни, enoughфлуенсерите испраќаат нешто многу поедноставно: можеби веќе имате доволно.
Движењето е слично на deinfluencing, во кое креаторите на содржини ги одвраќаат луѓето од импулсивното купување трендовски производи, но enoughfluencing оди и чекор понатаму. Не станува збор само за тоа да не купувате нешто што не ви треба, туку за тоа да научите да го цените она што веќе го имате и да се чувствувате подобро, поспокојно и полесно поради тоа.
Во време кога многумина се под притисок од растечките трошоци за живот, но и сè почесто уморни од наметнатата идеја дека среќата доаѓа преку купување, не е тешко да се разбере зошто овој пристап привлекува сè повеќе внимание. Наместо пораката „повеќе е подобро“, enoughфлуенсерите промовираат идеја дека доволно е – навистина доволно.
Помалку купување, помалку споредување, помалку стрес
Голем дел од културата на инфлуенсерите се темели на создавање впечаток дека секогаш нешто ни недостасува. Дека ни недостасува токму тој производ, токму таа рутина, токму таа естетски совршена верзија на животот. Enoughфлуенсинг се спротивставува на тоа со многу понежен тон од класичната критика на конзумеризмот. Не наметнува аскетизам ниту повик за откажување по секоја цена, туку се обидува да ја промени перспективата.
Идејата е едноставна: помалку работи не значи нужно полош живот. Напротив, за многумина тоа значи помалку неред, помалку финансиски притисок, помалку импулсивни одлуки и помалку споредување со другите.
Токму затоа овој тренд често се поврзува со поими како благодарност, поспоро купување и посвесно трошење. Наместо постојаното „што уште ми треба?“, фокусот се префрла на прашањето „што ми веќе навистина служи добро?“ или „што ми носи навистина задоволство?“.
Second-hand живот како дел од истата приказна
Еден од најчестите обрасци што се појавуваат во рамки на enoughфлуенсинг е така наречениот second-hand living – купување на користени, обновени или преправени работи наместо нови и трендовски посакувани производи.
Таквиот стил на живот за некои претставува пред сè финансиски избор, но за многумина станува и свесен начин за намалување на потрошувачката. Користена облека, винтиџ мебел, поправки, позајмување и преправка на работи стануваат дел од пошироката идеја дека вредноста не мора да биде врзана за ново, скапо и совршено.
Во тоа е и привлечноста на овој тренд: не бара совршенство. Не бара ниту естетски минимализам од каталог, ниту строги правила, ниту откажување од сè што го сакате. Доволно е да почнете поинаку да гледате на купувањето и на сопствените навики.
Како изгледа „радоста на доволното“?
Enoughфлуенсерите често зборуваат за многу конкретни промени што доаѓаат со таквиот начин на размислување: помалку анксиозност поради пари, помалку стрес околу одржувањето на домот, помалку желба за докажување преку работи и повеќе простор за она што навистина е пријатно.
Тоа може да значи поспоро купување и поставување прашања пред да купите нешто. Може да значи дека, наместо нов производ, прво ќе проверите дали можете нешто да позајмите, купите користено или поправите. Може исто така да значи дека подароците ќе ги замените со искуства, услуги или ситници кои имаат емоционална, а не само материјална вредност.
Подеднакво важен дел од приказната е и оддалечувањето од постојаното споредување. Зашто кога еднаш ќе се отстраните од логиката дека мора да следите што имаат сите други, полесно е да препознаете што навистина ви треба за да се чувствувате добро.
За некого тоа е квалитетно постелнина и омилената шолја кафе. За некого стабилна сметка без минус. За некого чувството дека не мора секој месец да измислува нова верзија од себе преку купување.
Нов тренд што всушност делува како мал бунт
Можеби токму затоа enoughфлуенсингот е толку интересен како феномен. На прв поглед делува скромно, речиси тивко, но всушност оди директно против една од најсилните логики на интернет – дека постојано мораме да сакаме повеќе.
И додека социјалните мрежи долго време беа простор каде се покажуваше што е ново, скапо и посакувано, сега сè повеќе се отвора простор и за содржина која вели дека не е проблем што не ги следите сите трендови. Можеби е токму спротивното: можеби ви е полесно кога тоа повеќе ни не се обидувате.
Во тоа нема ништо старомодно или здодевно. Напротив, за многумина токму откажувањето од постојаната потрага по ново станува луксуз сам по себе.














