Пилот на мал авион бил принуден да изврши принудно слетување на автопат, оставајќи ги возачите во целосен шок, пренесува „Daily Mail“.
Инцидентот се случил во градот Алентаун, во американската сојузна држава Пенсилванија, а снимката брзо се прошири на социјалните мрежи.
„Тоа беше велигденско чудо“
Како што е објавено, авионот полетал од Њу Џерси кон Индијана во саботата наутро, а по извесно време пилотот пријавил проблем со моторот.
Според радио-комуникацијата, пилотот бил несигурен околу слетувањето на автопат, но немал друг избор.
Драматичната снимка, направена од камера во еден автомобил, го прикажува авионот како лета ниско, а потоа се спушта на автопатот 78 во Алентаун.
Во кабината се наоѓале 65-годишен пилот од Мичиген и 34-годишна патничка од Њу Џерси. И двајцата поминале без повреди, како и возачите на автопатот.
„Тоа беше велигденско чудо! Пилотот слета и зазеде две ленти. Не изгледаше како да е во паника, само гледаше право пред себе“, изјави Виктор Маќезе, сведок на несекојдневниот настан.
„Сите одлично соработуваа“
Емили Ривера ја објави снимката на социјалните мрежи, целосно затекната од сцената.
„Искрено, бев во неверица, бидејќи не очекував дека авион ќе слета пред мене“, изјави таа за локалните медиуми.
На местото на настанот брзо пристигнале итните служби. Командирот на доброволната противпожарна служба, Џастин Освалд, откри дека сите веднаш притрчале во помош.
„Ова е веројатно најдобриот можен исход. Сите одлично соработуваа за да направат нешто што не е дел од секојдневната работа“, додаде тој.
Авионот бил транспортиран до блискиот аеродром во Алентаун, а Федералната управа за авијација (FAA) го истражува инцидентот.










