[ВИДЕО] Гратче во кое воздухот е најзагаден во светот: „Овде секој здив е тежок“

Точка

01/04/2026

16:54

510

Големина на фонт

а а а

Градот Лони се наоѓа на помалку од еден час возење од Њу Делхи, но овој брзорастечки индустриски центар ја надминува индиската престолнина по една незавидна титула.

Според податоците на швајцарската компанија „IQAir“, минатата година тој имал најлош квалитет на воздухот во светот, пишува Си-ен-ен.

Таму чадот од фабриките, издувните гасови од сообраќајот и прашината од градилиштата создаваат токсична мешавина што дишењето го претвора во голем напор за неговите 700.000 жители.

„Заборавете на кашлицата, овде секој здив е тежок“, истакнал Маној Кумар (45), возач на рикша кој целиот живот живее во Лони.


Жителот Мохамад Мохмин Кан рекол дека загадувањето е толку присутно што носи маска секогаш кога излегува на лошо асфалтираните градски улици.

„Тука е 24 часа на ден. Каде и да одите“ нагласил тој.

Прашината од оштетените патишта и од блиските градилишта дополнително го влошува квалитетот на воздухот во Лони.

За да ја состави листата на најзагадени градови, „IQAir“ ја анализирал концентрацијата на фините честички ПМ2.5, едни од најмалите, но и најопасните загадувачи.

Минатата година, просечната концентрација на ПМ2.5 во Лони изнесувала 112,5, што е 22 пати повеќе од безбедната граница што ја препорачува Светската здравствена организација

Кога се вдишуваат, овие честички продираат длабоко во белодробното ткиво и можат да стигнат до крвотокот, а се поврзуваат со астма, болести на срцето и белите дробови, рак и други респираторни заболувања, како и со когнитивни нарушувања кај децата.

Докторот Анил Синг, кој води клиника во Лони, рекол дека во последните пет години забележал пораст на бројот на пациенти со респираторни проблеми.

„Постојано гледам деца кои многу рано развиваат симптоми на астма. Можам јасно да кажам дека изложеноста на загадена средина е еден од главните фактори“, истакнал тој.

Најзагадени градови во светот во 2025 година:

🌫️Лони, Индија

🌫️Хотан, Кина

🌫️Бирнихат, Индија

🌫️Делхи, Индија

🌫️Фајсалабад, Пакистан

🌫️Рахим Јар Кан, Пакистан

🌫️Газијабад, Индија

🌫️Лахоре, Пакистан

🌫️Сукур, Пакистан

🌫️Ула, Индија.

Пораст на заболувања

Според „IQAir“, три од петте најзагадени градови во светот минатата година се наоѓале во Индија, додека Њу Делхи повторно бил прогласен за најзагаден главен град во светот.

Главните извори на загадување во земјата со 1,4 милијарди жители се емисиите од возилата и индустријата, палењето земјоделски остатоци и градежната прашина.

Од декември до јануари, Лони и другите градови во северна Индија редовно се соочуваат со нагол пораст на загадувањето за време на студените и суви зимски месеци.


Опасниот воздух останува заробен близу до тлото поради појавата позната како температурна инверзија, кога слој од студен, густ воздух делува како капак и спречува загадувањето да се издигне. Минатиот април, силна песочна бура што го зафати Делхи дополнително го влоши загадувањето во Лони, правејќи го воздухот уште потоксичен, особено за најстарите и најмладите жители.

Мајка од Лони, Куши Ферозе, изјавила дека нејзиниот тригодишен син често има алергии, кашлица и стомачни инфекции поради загадувањето.

„Мораме да бришеме прашина во куќата два до три пати дневно, бидејќи ја има насекаде. Можете да ја видите дури и во најоддалечената соба во куќата“, нагласила таа.