Американката Џејн Крамет тврди дека се чувствувала „здрава како дрен“ откако цели 120 дена се придржувала до диета која се состоела исклучиво од сардини.
Оваа неконвенционална исхрана ѝ го променила животот – од губење килограми и намалување на шеќерот во крвта до чувство на зголемена енергија, пренесува „LADbible“.
Џејн, ветеранка на американската морнарица и пензионирана болничарка, со години се борела со силни болки во стапалата, како и со воспаленија во телото. Признала и дека имала нездрав однос кон храната, а во еден период нејзината тежина достигнала околу 108 килограми.
Во 2020 година започнала карнивор диета, базирана на намирници од животинско потекло, и успеала да ослабне речиси 30 килограми. Сепак, килограмите постепено се враќале, а болките во стапалата не попуштале.

Инспирирана од советите на д-р Анет Босворт, попозната како Др Боз, која сардините ги нарекува „најдобрата суперхрана на светот“, Џејн решила да испроба диета која се базира исклучиво на сардини.
Д-р Босворт, која ја промовира кетогената исхрана како помош кај хронични болести, објаснува дека ваква краткорочна диета може да го „ресетира“ метаболизмот и да го воведе телото во подлабока кетоза – состојба во која организмот забрзано согорува масти за енергија.

Во јули 2024 година, Џејн започнала режим со три конзерви сардини дневно, со по две лажици MCT масло во секоја.
„Си реков: ’Ќе јадам додека не почнам да се чувствувам подобро‘, а подобро почнав да се чувствувам по околу 60 дена. На крај издржав 120 дена“, изјавила таа.
„Отприлика на половина од периодот сфатив дека веќе не сум гладна, а понекогаш мораше и да се натерам да ја изедам третата конзерва“.

По четири месеци диета со сардини, Џејн ослабнала 11,3 килограми, а болките во стапалата целосно исчезнале. На шега додала дека нејзината „супермоќ“ била тоа што јадењето сардини никогаш не ѝ здодеало. По завршувањето на диетата се вратила на карнивор исхрана, но ја задржала навиката да јаде барем една конзерва сардини дневно.
Експертите се согласуваат дека сардините се многу корисни поради богатството на есенцијални хранливи материи кои го поддржуваат здравјето на срцето, мозокот и очите, но предупредуваат дека исхраната исклучиво со сардини не е избалансирана. Недостигаат влакна, сложени јаглехидрати и многу витамини.
Здравствените организации, како британскиот „NHS“, ја истакнуваат важноста на балансирана исхрана со најмалку пет порции овошје и зеленчук дневно. Пред да започнете со драстични промени во исхраната, се препорачува консултација со лекар или лиценциран нутриционист.










