Охрид не е само дестинација – тој е чувство, спомен и доживување што останува засекогаш врежано во срцето. Камените улички што раскажуваат вековни приказни, мирисот на езерото во раните утрински часови и тишината што ја прекинува само звукот на брановите – сето тоа создава магија која тешко се опишува со зборови.
Да се изгубиш низ старото градско јадро или да запловиш со бродче по кристално чистото езеро не е обична прошетка, туку вистински благослов.
Токму таа автентична убавина, што не може да се најде никаде на друго место, Ангела и Виктор Дамчевски успеаја да ја доловат во нивното најново видео. Како вистински вљубеници во патувањата, тие го прошетале светот, но секогаш со особена емоција се навраќаат на она што го имаат дома. Нивната приказна не е само уште едно патувачко сведоштво – таа е потсетник дека понекогаш најголемите богатства не се далеку, туку токму пред нас.
Во време кога многумина ги идеализираат странските дестинации – од Хрватска до Франција – тие избираат да ја истакнат неповторливоста на едно место кое гордо го носиме како свое. Ова не е ниту разгледница од Италија, ниту сцена од Словенија или Грција. Ова е нашиот Охрид – единствен, величествен и бескрајно магичен.
„Добредојдовте на Охридското Езеро – едно од најпотценетите места во Европа што сме ги посетиле и навистина едно од најмагичните 🤯
Ова место изгледа како сон… кристално чиста вода, шармантни улички во стариот град и глетки што никогаш нема да ги заборавите.

Места прикажани во ова видео:
⛪️ Црквата „Св. Јован Канео“ – најиконичниот поглед кон езерото.
🌊 Охридско Езеро – едно од најстарите и најчистите езера во Европа.
🏛️ Стар град Охрид – калдрмисани улици, скриени бисери и прекрасни видиковци.
⛪️ Црквата „Св. Софија“ – богата историја и прекрасна архитектура.
🚤 Манастир Заум – скриен бисер достапен само со брод… чиста магија. 🤫
🏝️ Плажа Трпејца – „македонските Малдиви“ со кристално чиста вода. 💙
🌅 Не ги пропуштајте зајдисонцата… зајдисонцата на Охридското Езеро се неверојатни. 😍











