Познатиот француски актер оди на евтаназија: „Сите мои системи почнаа да откажуваат…“

Точка

30/03/2026

17:20

1.222

Големина на фонт

а а а

Арно Дени, истакнат француски актер, чиј живот по неуспешната операција за вградување мрежичка за кила прераснал во долготрајна агонија, сега се подготвува за евтаназија во Белгија.

Со години важел за уметник посветен на класиката и на суптилното толкување на драмските текстови. Но, во последно време, неговото име сè почесто се поврзува со борбата за правото на достоинство во состојба на тешко страдање, но и со остра критика на медицинскиот систем кој, според него, го изневерил.

На 42 години, убеден дека животот во сегашната состојба повеќе не е одржлив, тој ја започнал процедурата што води кон евтаназија во Белгија.


Од признанија до борба со болката

Дени бил наградуван за адаптации на дела од Оскар Вајлд, а неговите театарски поставки добивале пофалби и од публиката и од критиката. Пресвртницата се случила во 2023 година, по рутинска операција за отстранување препонска кила, за време на која му била вградена голема хируршка мрежичка. Од тој момент, како што рекол, започнал периодот на тешко страдање.


„Повеќе не можам да излезам од дома, немам социјален живот, немам никаков живот. Повеќе немам ништо што би го претставувало достоинството на човечкиот живот“, изјавил актерот.

Набргу се појавиле постојани болки во стомакот, како и уринарни и невролошки проблеми, проследени со губење на телесната тежина.

„Знаев дека умирам…Сите мои системи почнаа да откажуваат“, нагласил тој.


Потрага по причината и оспорена дијагноза

По повеќемесечна борба, Дени побарал помош во Соединетите Американски Држави, каде што била извршена скапа операција за отстранување на имплантот. Иако на почетокот дошло до краткотрајно подобрување, симптомите набрзо се вратиле. Лекарите изразиле сомнеж за АСИА синдром, ретка имунолошка реакција на материјалот од имплантот.

Меѓутоа во Франција, АСИА не се признава како болест, додека производителот на имплантот ја отфрлил одговорноста за таквите компликации. Дени продолжил јавно да зборува за својата состојба, објавувал сведоштва за болката и укажувал на судбината на други пациенти со слични искуства. Основал група што обединува сè поголем број луѓе со истиот проблем.


Како што му се влошувала здравствената состојба, отворено почнал да зборува за можноста да му стави крај на својот живот.

„Човек длабоко во душата знае кога е осуден на крај“, рекол во разговор за „Le Dauphine Libere“, а таа реченица станала симбол на неговото уверување дека понатамошните обиди за лекување немаат смисла.

Помеѓу јавноста и личната одлука

Во текот на 2026 година, тој ги започнал официјалните процедури за евтаназија во Белгија, земја чиј закон го овозможува овој облик на прекинување на страдањето. Својата одлука ја образложува не само со интензитетот на физичката болка, туку и со целосното исчезнување на она што го нарекува „достоинство на човечкиот живот“.

„Не сакам да лежам во болница приклучен на десетици цевки“, рекол тој во едно интервју.

Истовремено, неговото дејствување ја надминува личната приказна. Активно се залага за реформа на француската хирургија на хернија (кила) и за построг надзор над имплантите. Им се приклучил на група пациенти кои бараат промени и поголема информираност за ризиците. Најавил и тужба против производителот на имплантите, како и учество во колективна тужба поради медицински пропусти.


Колку што неговата здравствена состојба е послаба, толку неговиот јавен глас станува посилен. Се повлекол од сцената, но продолжил да дава интервјуа и да објавува записи за секојдневната борба. Неговиот случај го отвори прашањето за безбедноста на рутинските операции и ефикасноста на медицинската нега.

Во 2025 година, „Le Monde“ го опишал како уметник „обесен меѓу светлината на сцената и темнината на страдањето“, кој, и покрај болеста, продолжил да режира иако повеќе не можел да настапува пред публика.

Одлуката на Дени за евтаназија поттикнала широка дебата во Франција – не само за етичките прашања што ги носи оваа тема, туку и за безбедноста на имплантите и положбата на пациентите кои живеат со хронична болка.