Славниот британски водител ја откри најлошата личност која ја интервјуирал: Го испланирала уништувањето на своето семејство

Точка

30/03/2026

20:01

659

Големина на фонт

а а а

Водителот Пирс Морган во текот на својата кариера интервјуирал многу славни личности, а воедно открил и која била најлошата личност со која имал можност да разговара.

Во текот на кариерата тој водел разговори со личности како Канје Вест и Ендру Тејт, но истакнал дека најморничавата средба се случила со осудена жена-убиец, пишува „Мирор“.

Во средината и крајот на 2010-тите, Морган се посветил на темите поврзани со злосторства, водејќи емисии како „Убијци во женски лик“, „Исповеди на сериски убиец“ и „Психопат со Пирс Морган“, во кои одел во затвори за да разговара со осудени убијци.


Во една од емисиите, како што тврди, ја запознал најопасната личност во својот живот, а тоа била поранешната црковна пијанистка Ерин Кафи. Имено, таа имала само 16 години кога во 2008 година ги наговорила својот партнер Чарли Вилкинсон и неговиот пријател Чарлс Вејд да го убијат целото нејзино семејство, бидејќи родителите ѝ забраниле да се гледа со момчето.

„Таа го испланирала уништувањето на целото семејство. Го испратила момчето и неговиот пријател внатре, додека таа чекала надвор со девојката на тој пријател. Тие влегле со мачети и пиштоли, ја убиле нејзината мајка, го раниле таткото, а потоа ги убиле и двајцата помлади браќа. Немало никакво предупредување, ништо што би укажувало дека се подготвува ужас. Додека седев и ја гледав, помислив дека веројатно е најопасната личност до која сум се доближил во животот. Ни по еден час разговор немав објаснување зошто го направила тоа“, изјавил Морган.


Нејзиниот татко преживеал, а Ерин навела дека ни самата не ги разбира своите постапки.

„Кога ќе се навратам на тоа, сè беше многу глупаво. Не ме тепаа, не ме изгладнуваа. Имав сè што некогаш сум посакала“, порачала таа.

Ерин е осудена на најмалку 40 години затвор, а смртната казна ја избегнала на барање на нејзиниот татко, кој рекол дека сака таа да најде покајание.

„Верувам дека таа не беше мозокот на целата операција. Таа е ранлива шеснаесетгодишна девојка под влијание на психопатско момче. Ѝ простувам, морам да ѝ простам“, рекол нејзиниот татко.