Новиот „BMW“ i3 пристигна: Електричната Серија 3 носи 463 коњски сили, досег до 708 км и целосно нов дизајн

Точка

18/03/2026

20:01

370

Големина на фонт

а а а

„BMW“ го претстави новиот i3, првиот целосно електричен модел во историјата на Серија 3. Новата баварска лимузина носи 463 коњски сили, досег до 708 километри, 800-волтна архитектура и дизајн инспириран од студијата "Vision Neue Klasse", со што отвора ново поглавје за еден од најважните модели на брендот.

Секоја нова генерација на „BMW“ Серија 3 привлекува големо внимание, а овојпат интересот е уште поголем бидејќи легендарната спортска лимузина за првпат станува целосно електрична. Новиот „BMW“ i3 го презеде името на поранешниот градски електричен пионер, но сега влегува во далеку поважна улога – како прв електричен претставник на еден од најзначајните модели на баварскиот производител.

Новиот i3 јасно е инспириран од концептот "Vision Neue Klasse", исто како што и iX3 ја најави новата дизајнерска насока на „BMW“. Но зад впечатливата надворешност се крие уште поважна приказна – нова платформа, помоќен погон, побрзо полнење и целосно редизајнирана кабина.

Силен старт со 463 коњски сили

На почетокот на продажбата, новиот i3 доаѓа во изведба "50 xDrive". На задната оска е поставен електрично придвижен синхрон мотор, додека напред има асинхрон мотор, а заедно развиваат 463 коњски сили и 645 Nm вртежен момент.

Тоа е само малку помалку од поранешниот основен „BMW“ M3 од генерацијата G80, па нема сомнеж дека новиот i3 ќе нуди сериозни перформанси, иако „BMW“ сè уште не објави официјални податоци за забрзување и максимална брзина.

Според проценките на производителот, досегот изнесува до 440 милји, односно околу 708 километри според EPA циклусот. Дополнително, новиот i3 поддржува DC полнење со моќност до 400 kW, што е до 30 проценти подобро во однос на претходната генерација технологија.

„BMW“ истакнува дека батериските ќелии се интегрирани директно во батерискиот пакет, а пакетот во структурата на возилото. Со тоа се подобрени цврстината на каросеријата, масата и аеродинамиката, додека рамното подвозје дополнително придонесува за ефикасноста. Важна новина е и двонасочното полнење, што значи дека автомобилот може да напојува дом или други електрични уреди.


Дизајн што ќе предизвика дебати

Најголемо внимание привлекува предниот дел. „BMW“ „бубрезите“ сега се поврзани со светлата и формираат своевидна рамка, додека централното вдлабнување на носот преминува во релјефен капак што му дава на автомобилот помоќен и подолг визуелен изглед.

Опционално ќе биде достапен и светлосниот потпис "Iconic Glow" со анимации "Relaxed", "Excited" и "Balanced". Долните отвори за воздух дополнително ја нагласуваат ширината на автомобилот, додека изразените лакови на тркалата и скриените заптивки на прозорците придонесуваат за почист и помодерен изглед.

Еден од деталите за кој веројатно најмногу ќе се дискутира е третманот на задното странично стакло и C-столбот. Препознатливиот потпис на „BMW“ сега е редефиниран до степен што на некои ќе им делува храбро, а на други претерано. Сепак, целиот автомобил остава впечаток на цврста, мускулеста и многу модерна лимузина.

Во понудата ќе биде и M Sport пакет, со поагресивни аеродинамички додатоци, M детали и поспортски сопирачки. Претставената верзија доаѓа во ексклузивната боја "M Le Castellet Blue", а вкупно ќе бидат достапни 11 бои.


Футуристичка кабина и ново дигитално искуство

Голем исчекор носи и внатрешноста. Новиот i3 добива четирикрак волан, што е невообичаено решение за Серија 3, но дополнително го нагласува футуристичкиот карактер на кабината. За љубителите на спортскиот изглед, ќе биде достапен и M Sport волан.

Централниот дел на ентериерот го сочинува 17,9-инчен екран насочен кон возачот, додека под шофершајбната се протега дополнителен тесен екран како дел од системот "Panoramic Vision". Опционално ќе се нуди и "3D head-up" дисплеј.

Инфотејнмент системот вклучува гласовен асистент со „Amazon Alexa+“ вештачка интелигенција кој учи самостојно, а возачот може да го прилагоди изгледот на интерфејсот, боите и приказот на информации. „BMW“ подготви и повеќе варијанти на ентериер, вклучувајќи "Veganza" облоги, "M Performtex" комбинации и "Merino" кожа во рамки на програмата "BMW Individual".


Почеток на нова ера

Новиот „BMW“ i3 не е само уште една електрична лимузина. Станува збор за модел кој мора да го оправда огромното наследство на Серија 3 и истовремено да отвори нова ера за брендот. Токму затоа секој негов детаљ – од дизајнот до технологијата – носи поголема тежина отколку кај повеќето други премиери.

Едно е сигурно: овој автомобил тешко дека ќе помине незабележано.