Европска земја дава 25.000 евра ако се откажете од возачката дозвола на пет години

Точка

17/03/2026

20:19

626

Големина на фонт

а а а

Владата на Малта воведе необична, но амбициозна мерка со цел да ги намали сообраќајните метежи и бројот на автомобили на патиштата. Млади возачи кои ќе се одлучат привремено да се откажат од возење можат да добијат и до 25.000 евра.

Оваа мерка стапи на сила на 6 јануари и е дел од поширока стратегија за растоварување на сообраќајот во една од најгусто населените европски земји. И покрај инвестициите во инфраструктура и воведувањето бесплатен јавен превоз, бројот на возила на Малта и понатаму расте.

Според достапните податоци, земјата со нешто повеќе од половина милион жители има над 400.000 регистрирани автомобили, што е дури 20 проценти повеќе отколку пред десет години. Поради тоа, сообраќајните метежи станаа сериозен секојдневен проблем, наведува „Malta Today“.


Програмата е наменета за возачи помлади од 30 години кои поседуваат сопствен автомобил и имаат најмалку седум години возачко искуство на Малта. Во замена за откажување од возачката дозвола на период од пет години, учесниците добиваат по 5.000 евра годишно.

Министерот за транспорт Крис Бонет засега не откри колку возачи се пријавиле за оваа програма, но најави дека податоците наскоро ќе бидат достапни за јавноста.


По истекот на петгодишниот период, учесниците можат повторно да побараат возачка дозвола, но со обврска да поминат најмалку 15 часа возење во овластена автошкола. Доколку некој одлучи повторно да вози пред истекот на тој рок, ќе мора да ги врати сите пари што ги добил.

За реализација на оваа програма се издвоени вкупно 25 милиони евра, а останува да се види дали оваа иновативна мерка навистина ќе ги донесе посакуваните резултати и ќе го растовари сообраќајот на Малта.