Откриен идентитетот на Бенкси? Новинари тврдат дека знаат кој е славниот уметник

Точка

18/03/2026

10:35

430

Големина на фонт

а а а

Нова истрага повторно го иницира едно од најинтригантните прашања во светската уметност – кој е всушност Бенкси?

Според обемното истражување на новинарите на Ројтерс, идентитетот на најпознатиот светски уличен уметник наводно е конечно разоткриен.

Тие тврдат дека зад псевдонимот Бенкси се крие Робин Ганингем, 51- годишен маж од Бристол, кој како што велат подоцна го сменил името во Дејзвид Џоунс за дополнително да го прикрие својот идентитет.


Ројтерс своето тврдење го базира на неколку извори: патувањето на уметникот во Украина во 2022 година, фотографии објавени од неговите поранешни соработници, како и наводна рачно напишана изјава од 2000 година, поврзана со апсењето во Њујорк. Истражувачите тврдат дека овој доказ „без сомнение“ го потврдува неговиот идентитет.

Тимот на Бенкси ги оспорува тврдењата

Сепак, правниот тим на Бенкси остро ги оспорува овие тврдења. Неговиот адвокат Марк Стивенс рекол дека уметникот „не ја прифаќа точноста на многу детали од истрагата“, предупредувајќи дека откривањето на неговиот идентитет би ја загрозило неговата приватност, работа и безбедност. Тој нагласил дека анонимноста не е само личен избор, туку и важен општествен механизам што овозможува слобода на изразување без страв од одмазда или цензура.

Од друга страна, Ројтерс смета дека јавноста има право да знае кој стои зад уметникот кој остави силен белег во културата, уметноста и политичкиот дискурс ширум светот.

Бенкси стекна глобална слава преку графитите кои се појавуваа на ѕидовите ширум Велика Британија, а подоцна и ширум светот, честопати со изразени политички и сатирични пораки.


Неговото најпознато дело „Девојче со балон“ (Girl with Balonn) се најде во центарот на вниманието во 2018 година, кога сликата на аукцијата била делумно уништена од механизам скриен во рамката – претстава што подоцна била преименувана во „Љубовта е во корпата“ (Love Is in the Bin).


Уметникот остави свој белег и во конфликтните зони, како што се Украина и Западниот Брег во Израел, каде што неговите дела честопати биле толкувани како политички пораки и израз на солидарност. Неодамнешниот мурал во Лондон, на кој судија удира демонстрант со чекан, некои го толкуваат како коментар за третманот на пропалестинските активисти.



Бројни теории за идентитетот

Низ годините се појавија бројни теории за неговиот идентитет – од музичарот Роберто дел Наја од Масив Атак преку Џејми Хјулет (Gorillaz), до ТВ-водителот Нил Бјукенен. Дури се споменувала и можноста дека Бенкси не е една личност, туку колектив од уметници, па дури и верзијата дека зад сè стои жена.


Иако новата истрага дава можрби најконкретни тврдења досега, мистеријата и понатаму не е разрешена. Токму таа енигма, како што сметаат многумина, сочинува голем дел од привлечноста на Бенкси – бидејќи разоткривањето на идентитетот не би го срушил само митот, туку би можел да ја загрози слободата и начинот на работа на уметникот кој ја изгради својата кариера врз анонимност.