Доаѓа период кога сѐ почесто ќе ги вклучуваме клима-уредите во автомобилите. Иако постојат бројни предупредувања за нивната употреба, едно особено се издвојува по сериозност, а е потврдено и со научни истражувања.
„Во вашиот автомобил постои копче што може да ве убие во рок од 2–3 часа ако го притиснете“, предупредува докторката Кристабел Акинола на Инстаграм.
Копчето на кое мисли е копчето за рециркулација на воздухот. Тоа значи дека се користи истиот воздух во автомобилот наместо да се внесува свеж воздух однадвор. Помага клима-уредот побрзо да го олади автомобилот и троши помалку енергија (гориво), а исто така може да спречи влегување на издувни гасови однадвор. Меѓутоа, ако оваа функција остане вклучена предолго, може да биде опасна. Во една објава, докторката зборува за петчлено семејство кое речиси го загубило животот. Тие го подготвувале автомобилот за патување, но не сфатиле дека едно од децата си играло со функциите на клима-уредот и случајно го притиснало копчето пред да тргнат, пишува „Revija HAK“.
„На патот таткото забележал дека сите други тонат во сон, а набргу потоа и тој ја изгубил свеста и излетал од патот во еден канал. Сето тоа се случило затоа што детето го притиснало тоа копче“, пишува Акинола.

Кога рециркулацијата е активна подолго време, јаглерод диоксидот што го издишуваме се акумулира во возилото. Нивото на кислород се намалува, заморот се зголемува, а времето на реакција се скратува. Колку повеќе луѓе има во автомобилот, толку е поголем ризикот. Симптомите може да се појават без предупредување. Студија објавена во списанието „Environmental Science and Pollution Research“ покажува дека рециркулацијата не треба да биде активна подолго од 20 минути, особено ако возите со повеќе луѓе во автомобилот. Нивото на јаглерод диоксид брзо расте.
Многу современи автомобили денес имаат автоматизирани системи што го детектираат квалитетот на воздухот и ја регулираат рециркулацијата, но треба да се биде внимателен. Ако прозорците почнат да се замаглуваат или ако се чувствувате уморно без причина, тогаш е крајно време да проверите кое копче е вклучено.











