[ФОТО] Во најсончевиот европски град токму сега е во тек сезоната на берба на портокали: Улиците и плоштадите деновиве изгледаат спектакуларно

Точка

06/03/2026

21:00

849

Големина на фонт

а а а

Кога се зборува за најсончевите места во Европа, на многумина прво на ум им паѓаат крајбрежните градови на Медитеранот. Тоа е сосема разбирливо, бидејќи токму со морето најчесто се поврзуваат долгите, топли лета, благите ветрови и стабилното време што носи многу сончеви денови.

Но постои и еден европски град кој покажува дека близината на морето не е пресуден услов за изобилство од сонце.


Имено, градот што често се споменува како најсончев во Европа, а не се наоѓа на морски брег е Севиља. Сместена во плодната долина на реката Гвадалкивир, на околу 80 километри од Атлантскиот Океан, Севиља во текот на годината ужива во исклучително голем број ведри денови. Токму спојот на нејзината положба, топлата андалузиска клима и стабилните временски услови создава услови поради кои овој живописен град станал речиси синоним за сонцето на европскиот континент.

Град во кој сонцето речиси никогаш не изостанува

Севиља годишно бележи меѓу 3.000 и 3.200 сончеви часови, поради што редовно се вбројува меѓу најсончевите градови во Европа. Голем дел од годината овде минува под ведро небо и топло јужно сонце, кое е важен дел од секојдневниот живот.


Имено, тоа го обликува ритамот на животот во градот, влијае врз изгледот на улиците и куќите и им дава посебна енергија на секојдневните сцени што ја прават Севиља толку препознатлива во светот.

Летата во Севиља се долги и исклучително топли. Температурите неретко надминуваат 40 степени Целзиусови, па градот во текот на јули и август се вбројува меѓу најжешките места во Европа.


Токму затоа животот овде со векови се приспособувал на силното јужно сонце. Улиците се градени тесни за да обезбедат што повеќе сенка, плоштадите се украсени со фонтани кои носат освежување, а скриените внатрешни дворови на куќите стануваат мали оази на свежина каде што жителите можат да се засолнат од летната жега.

Севиља е блиску до океанот, но…

Иако се наоѓа недалеку од океанот, Севиља не го чувствува директното влијание на морскиот воздух какво што е карактеристично за крајбрежните градови во нејзина близина. Токму затоа климата овде е стабилна и сува, а дождливите денови се појавуваат значително поретко отколку во многу други делови од Европа.

Голем дел од годината минува под ведро небо, па сонцето речиси секојдневно го следи ритамот на животот во овој живописен андалузиски град.

Сонцето ја обликувало културата и архитектурата

Топлата и ведра клима силно влијаела врз начинот на кој градот се обликувал низ историјата. Севиља со векови била едно од клучните урбани средишта на Андалузија, регион познат по својата слоевита историја, силен културен идентитет и препознатлива архитектура во која се преплетуваат различни цивилизациски влијанија.


Градот е исполнет со живописни плоштади, редови дрвја од портокал и палати што потсетуваат на неговото богато минато. Меѓу најпознатите градби се издвојува севиљската катедрала, една од најголемите готски катедрали во светот, чија монументалност и денес остава силен впечаток врз посетителите.

Веднаш покрај неа се издигнува кулата Ла Хиралда, поранешно минаре кое со текот на времето станало еден од најпрепознатливите симболи на градот.

Зимските месеци во Севиља мирисаат на портокали

Периодот од јануари до март е особено интересен во Севиља, бидејќи токму тогаш започнува главниот дел од бербата на портокалите. Улиците, плоштадите и парковите се исполнети со дрвја чии плодови во зимските месеци ја достигнуваат својата целосна зрелост, па градот во тоа време добива речиси нереална портокалова боја.


Работниците тогаш организирано ги берат плодовите од илјадници дрвја што растат покрај авениите и во историските квартови… Иако дрвјата од портокал во Севиља пред сè служат како украс на градските улици, нивните плодови имаат и значајна економска вредност. Поголемиот дел од набраните портокали се извезуваат во други европски земји, каде што се користат за производство на познати мармалади и други производи.

Град што живее на улица

Поради големиот број сончеви денови, животот во Севиља најчесто се одвива на отворено. Терасите на кафулињата се полни речиси во текот на целата година, а вечерните прошетки покрај реката или низ старите плоштади се дел од секојдневието на локалното население.

Едно од најпознатите места во градот секако е величествениот Пласа де Еспања, монументален плоштад изграден по повод Ибероамериканската изложба во 1929 година. Неговите широки полукружни аркади, елегантни мостови и мирни канали создаваат сцена која многумина ја сметаат за една од највпечатливите во цела Шпанија.


Кога сонцето ги осветлува шарените керамички плочки и топлите тонови на ѕидовите од цигла, целиот простор добива речиси нереален сјај.

Севиља е подеднакво позната и по своите живописни и раскошни фестивали. За време на пролетната прослава Ферија де Абрил, градот се претвора во голема сцена исполнета со бои, музика и танц.

Тогаш улиците оживуваат со звуците на фламенко, а сонцето ги осветлува шаторите, свечените традиционални фустани и коњските запреги што полека минуваат низ градските авении – создавајќи сцени што навистина долго остануваат во сеќавањето.