Македонскиот ајвар очигледно одамна ги надминал границите на регионот, а тоа го потврди и светски познатата музичка ѕвезда Рита Ора. Пејачката, која веќе извесен период живее во Австралија, ги изненади своите следбеници од Балканот со фотографија објавена на нејзиниот Инстаграм профил за време на посетата на Нов Зеланд.
Во описот на објавата напишала „A little bit of this, a little bit of that“ (Малку од ова, малку од она), а на една од фотографиите се гледа полица исполнета со тегли од брендот „Перустија“, кој е во сопственост на штипската фабрика „Ларс“. Меѓу другото, таа објави и фотографија од рафт со паштети „Аргета“ кои исто така се многу популарни и за многумина омилени и кај нас.
Со оваа кратка порака, Ора индиректно покажа дека токму овој традиционален деликатес е дел од нејзиниот избор при купување.

Оваа објава не претставува само симпатичен момент за фановите, туку и јасен доказ за успешното присуство на македонските производи на светските пазари. Компанијата „Ларс“ од Штип веќе подолг период активно го извезува ајварот „Перустија“ во Австралија, Нов Зеланд, Канада, САД и Европската Унија, каде што се натпреварува со бројни меѓународни брендови. Производот може да се најде во големи синџири на маркети во Нов Зеланд, наменет за потрошувачи кои бараат автентичен вкус.

Кога една глобално популарна личност како Рита Ора ќе сподели ваков производ, тоа претставува силна потврда за квалитетот што се создава кај нас.
Инаку, Рита Ора, која има потекло од Косово, во 2022 година стапи во брак со новозеландскиот режисер Таика Ваитити.











