По повеќе од 50 години човештвото повторно тргна кон Месечината. Мисијата „Artemis II“ претставува прво патување со екипаж во правец на Земјиниот сателит уште од 1972 година. Ракетата беше лансирана од Кејп Канаверал на Флорида, со што беше отворено ново поглавје во истражувањето на вселената.
Посебно внимание во јавноста привлече снимката од лансирањето која настанала на прилично необична локација – во патнички авион. Една патничка преку прозорецот на авион на компанијата „Delta Air Lines“ го забележала моментот кога речиси 100 метри високата ракета се вивнала кон небото. Видеото, објавено на ТикТок, прикажува светлечки млаз од моторите и долга линија пареа што ракетата ја остава зад себе додека достигнува огромни брзини. Токму поради уникатната перспектива, снимката брзо стана вирална.
Од висината на авионот јасно можела да се види и закривената патека на ракетата. Таквото движење не е случајно, бидејќи вселенските летала го користат за со помош на Земјината гравитација поефикасно да забрзаат и да потрошат помалку гориво.
Соборен рекорд во оддалеченост од Земјата
Астронаутите од мисијата „Artemis II“: Рид Вајзман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Јенсен поставија нов рекорд во истражувањето на вселената. Иако екипажот не слета на површината на Месечината, мисијата сепак има огромно значење.
Во текот на летот, астронаутите достигнаа рекордна оддалеченост од Земјата, поголема од 406.000 километри, со што станаа луѓето кои најмногу се оддалечиле од нашата планета.
Мисијата „Artemis II“ претставува клучен чекор кон идни слетувања на Месечината и долгорочни планови кои вклучуваат и човечки мисии на Марс.








