Рафтовите во продавниците одамна се преполни со чоколадни велигденски зајаци и фигури на зајак како симбол на најголемиот христијански празник. А од каде потекнува овој зајак и каква врска има тој со Велигден?
Во Библијата за него нема ниту збор, па како тогаш токму зајакот станал истакнат дел од едно од најважните христијански празнувања на повторното раѓање и обновата? За тоа постојат повеќе теории.
Според една теорија, симболот на зајакот потекнува од древна паганска традиција — фестивалот Еостре, кој ја славел божицата на плодноста и пролетта. Животински симбол на оваа божица бил зајакот, кој долго традиционално ја означувал плодноста поради својата висока стапка на размножување.

Ликот на зајакот најпрво станал популарен во Соединетите Американски Држави кога во 18 век германските имигранти го претставиле во Пенсилванија. Кога се доселиле, тие со себе ја донеле и својата традиција за зајак што носи јајца, по име „Остерхазе“ или „Оштер Хас“.
Според легендата, зајакот носел шарени јајца како подарок за децата кои биле добри, па децата правеле гнезда во кои зајчето ги оставало своите јајца, а понекогаш ставале и морков во случај зајакот да огладни.
Обичајот брзо се „примил“ во Америка, а потоа станал раширена велигденска традиција низ целиот свет. Како што напредувала индустријата, зајакот ја добил и својата чоколадна верзија.
Зошто велигденскиот зајак носи јајца?
Иако ова биолошки звучи сосема погрешно, бидејќи зајакот како цицач не носи јајца, поентата е во поинаква симболика. Имено, зајакот уште од дамнина се сметал за симбол на плодност, повторно раѓање и нов живот.
Гледано од христијанска перспектива, велигденските јајца го претставуваат Исусовото воскресение и неговото излегување од гробот.
А пред крајот на постот, луѓето уште од 13 век ја започнале традицијата на украсување и боење јајца, за нивното јадење да биде што посвечено токму на Велигден.

Како изгледа велигденскиот зајак? – Обично се прикажува како бел зајак со долги уши, често облечен во шарена човечка облека. На некои места постојат дури и велигденска кукавица (Швајцарија), велигденска лисица и петел (во некои делови од Германија).
Сигурни сме дека ни кај нас Велигден нема да помине без барем еден чоколаден зајак.












