Секој ден седел сам на истата клупа и читал весници: Неговиот гест по смртта ги оставил граѓаните на неговиот град во шок и солзи

Точка

28/02/2026

14:42

989

Големина на фонт

а а а

Судбината на дедото, чиј живот малкумина го познавале, како и неговиот гест по смртта, ги оставил граѓаните во шок и солзи.

Во местото Ронкаде, во италијанската провинција Тревизо, целата заедница зборува за необичната и исклучително дарежлива оставнина на 75-годишниот Виторио Варниер.

Тој бил тивок, повлечен и уреден човек, секојдневно виден во истиот дел од населбата Бианкаде: весници, стрипови, кафе, кратки разговори со минувачите. Ништо не укажувало дека подготвува документ што ќе го стави градот во центарот на вниманието.


Оставил точно распределени 600 илјади евра

Варниер во својот стан оставил уредно напишан тестамент на пет страници. Нагласил дека сите обврски се подмирени, сметките платени и трошоците однапред дефинирани. Неговата имотна состојба е поделена до последното евро:

- околу 150.000 евра и стан се оставени на општината Ронкаде

- околу 300.000 евра одат за хуманитарни организации и центри за лекување болести

- дел од износот добиле пријател и роднина

Во гаражата оставил и неколку илјади стрипови собирани со децении, со напомена дека со задоволство ги подарува на библиотеката доколку можат да ги искористат. Во документот изразил и желба неговиот тестамент да биде прочитан пред градскиот совет „за да се избегнат нагаѓања и погрешни толкувања“. Сè, како и во животот, било прецизно, детално и без импровизација.

Градот во неверување, соседите зборуваат за неговата рутина и добрина

Градоначалникот Марко Донадел изјави дека граѓаните се изненадени и трогнати. Варниер го опишува како достоинствен човек, секогаш уреден и ненаметлив, кој никогаш не побарал помош од службите ниту се жалел на било што.


Жителите на Ронкаде велат дека бил човек од навика: секое утро истата рута, истите весници, истата клупа. Кога два дена по ред не се појавил кај локалниот киоск, соседите веднаш забележале дека нешто не е вообичаено.

Порака до градот и празната клупа што останала зад него

Најдлабока трага оставила неговата последна желба: донацијата да ѝ помогне на заедницата и сè да се спроведе достоинствено, без расправии и политизирање. На крајот оставил голем подарок на местото во кое тивко живеел, а симбол на неговото заминување станала празната клупа на која секое утро седел.