Четворицата астронаути ќе мора да почекаат уште извесно време пред да тргнат на својата историска мисија кон Месечината.
Нивната ракета, „Space Launch System“ (SLS), вчера, на 25 февруари, беше вратена од лансирната рампа „Launch Complex-39B“ (LC-39B) во зградата за склопување летала во Вселенски центар Кенеди (KSC) на НАСА во Флорида, каде инженерите ќе започнат со работа на решавање на проблемите на горниот степен на ракетата, дел што не е достапен додека ракетата се наоѓа на рампата.

Ова претставува застој за мисијата „Artemis 2“ на „NASA“, која треба да ги испрати астронаутите на „NASA“ Реид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и астронаутот на Канадската вселенска агенција Џереми Хансен, на десетдневно патување околу Месечината и назад кон Земјата. „NASA“ целеше кон лансирен прозорец што се отвора на 6 март, но дефект во протокот на хелиум го одложи лансирањето најрано за април.
Проблемот со хелиумот на „SLS“ беше откриен во ноќта меѓу 20 и 21 февруари, ден по завршувањето на таканаречената „мокра генерална проба“, при која ракетата беше целосно наполнета со гориво и помина низ симулирано одбројување до лансирање. Тоа беше втор ваков тест на полнење за „SLS“, но прв оценет како успешен. Првиот беше прекинат порано од планираното на 2 февруари, откако беше откриено истекување на течен водород при полнењето на главниот степен со гориво, а часовникот на мисијата автоматски активираше прекин на T-5:15.

Тимот не успеал да воспостави проток на хелиум низ леталото за време на рутинската процедура на испирање и повторно подигање притисок во меѓустепениот криоген погонски модул („Interim Cryogenic Propulsion Stage“ – ICPS), наведе администраторот на „NASA“ Џаред Ајзакмен во објава од 21 февруари на мрежата X.
Лансирната кампања на мисијата „Artemis 1“ во 2022 година исто така имаше потешкотии, меѓу кои и упорно истекување водород. Таа беспилотна мисија во лунарната орбита беше повеќепати одложувана со месеци, пред „NASA“ конечно да одобри лансирање на „SLS“, кое беше реализирано во ноември истата година. Сега агенцијата настојува да избегне повторување на повеќекратните враќања, а Ајзакмен наведе дека „преземени се корективни мерки за да се намали можноста за повторување на Artemis 2“.

„NASA“ се надева дека ќе ги дијагностицира и отстрани проблемите на горниот степен на ракетата навреме за „SLS“ повторно да биде вратена на лансирната рампа и, најверојатно, да помине трета „мокра генерална проба“ пред лансирниот прозорец што се отвора на 1 април, со дополнителни можности за лансирање секој ден од 3 до 6 април.















