Уште во 2007 година „Volkswagen“ вгради W12 мотор во „Golf“. И да, тој автомобил навистина вози.
Двеилјадитите години веројатно беа најкреативниот период во историјата на концернот „Volkswagen“, но и на самата марка „Volkswagen“. „Passat“ со W8 мотор, „Phaeton“, доаѓањето на „Touareg“? Кабриолет со тврд покрив составен од три дела и со лизгачки покрив? Сè беше можно, вклучувајќи го и целосно лудиот „Bugatti Veyron“.
Во тој дух, „Volkswagen“ во мај 2007 година на собирот во Вертерзее претстави „Golf“ од замислен паралелен универзум од 2050 година – „Golf GTI W12-650“. Ниту еден „Golf“ пред него не бил помоќен, поширок или побрз. Името директно упатуваше на техниката – станува збор за W12 мотор со 650 коњски сили.

W12 во „Golf“, и тоа назад
Шестлитарскиот битурбо W12 мотор беше поставен надолжно зад возачот и совозачот, со што „GTI“ се претвори во вистински спортски автомобил со централно поставен мотор. Шестстепен автоматски менувач пренесуваше 750 Nm вртежен момент на задната оска.

Ниту тоа не беше крај на екстремните „GTI“ модели
„Volkswagen“ не застана само на таа студија. Во 2013 година беше претставен „Design Vision GTI“, концепт ориентиран кон мотоспортот базиран на „Golf VII GTI“. Концептот развиваше 503 коњски сили, а визуелно се истакнуваа силно обликуваните C-столбови и страничните прагови, кои дизајнерскиот тим ги третираше како посебни каросериски елементи. Со тоа беше овозможено значително проширување на трагата на тркалата и вградување 20-инчни бандажи.
Го придвижуваше 3,0-литарски V6 TSI битурбо мотор со максимални 560 Nm вртежен момент. Силата се пренесуваше преку „DSG“ менувач со „4MOTION“ погон на сите четири тркала. Забрзувањето до 100 км/ч траеше 3,9 секунди.

Од видеоигра до реалност
Една година подоцна, во 2014 година, „Volkswagen“ ги спои виртуелниот и реалниот свет. Претставен беше шоу-автомобил кој првично постоеше исклучиво дигитално, развиен за видеоиграта „Gran Turismo 6“ на „PlayStation 3“ – „GTI Roadster Vision Gran Turismo“. Поради исклучително позитивните реакции на публиката, „Volkswagen“ одлучи овој виртуелен автомобил да го претвори во реален изложбен модел.
Отворениот двосед користеше ист 3,0-литарски V6 битурбо мотор како „Design Vision GTI“, со 503 коњски сили и 560 Nm вртежен момент. Беше комбиниран со 7-степен „DSG“ менувач и „4MOTION“ погон на сите тркала. Со 20-инчни гуми, овој суперспортски автомобил со маса од 1.420 килограми достигнуваше 100 км/ч за 3,6 секунди, со максимална брзина од 309 км/ч.
Па нека некој каже дека „Volkswagen“ и „Golf“ се здодевни.




























